Ерменците се согласија на рускиот предлог за прекин на огнот во Нагорно-Крабах

Етничките Ерменци во отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах се согласија со рускиот предлог за прекин на огнот во средата, 24 часа откако Азербејџан започна офанзива за да ја врати целосната контрола врз енклавата во која загинаа десетици и беа повредени стотици.

Ерменските сепаратистички сили во Карабах рекоа дека Азербејџан ги прекршил нивните воспоставени линии и заземале бројни високи и стратешки патни јазли додека светот стоел на страна и не преземал ништо. Самопрогласената „Република Арцак“ соопшти дека во такви околности нема друг избор освен да ги прекине непријателствата од 13 часот по локално време во среда.

„Властите на Република Арцах го прифаќаат предлогот на командата на рускиот мировен контингент за прекин на огнот. Со посредство на командата на рускиот мировен контингент стациониран во Нагорно-Карабах, постигнат е договор за целосен прекин на воените дејствија од 13 часот на 20-ти септември 2023 година.“, се вели во соопштението.

Азербејџан потврди дека е постигнат договор за прекин на огнот. Руските мировни сили му го пренесле на Азербејџан апелот на Ерменците од Карабах за прекин на огнот, извести официјален Баку.

Азербејџан ја започна својата операција против ерменските сили во Нагорно-Карабах во вторникот, откако некои од неговите војници биле убиени во, како што рече Баку, напади од планинскиот регион кој Азербејџан го изолираше.

Баку побара сепаратистичките политички власти во Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, исто така да се распуштат пред да започнат какви и да се разговори за иднината на регионот, кој Азербејџан сака целосно да го интегрира, и да го положат оружјето и да се разоружаат.