Ерменија го одложи референдумот за Уставниот суд поради коронавирусот

Пандемијата од коронавирусот ја присили Ерменија да ги прекине подготовките за референдумот за отстранување на неколку судии од Уставниот суд, што беше планиран за следниот месец, јавуваат државните медиуми, пренесе ДПА.

Изборниот орган на оваа поранешна советска република во јужен Кавказ, соопшти дека ќе го одложи референдумот заради загриженоста од појавата на вирусот во земјата, пренесе германската агенција.

Ерменија досега пријави десетици заразени пациенти од коронавирусот и со сите сили се обидува да го избегне разунувачкиот ефект што тој го направи со соседен Иран, каде досега повеќе од 800 лица умреа од заразата.

Референдумот, што беше планиран за 5 април, е инициран и поддржан од премиерот Никол Пашинијан за менување на седум од вкупно деветте уставни судии во земјата.

Овие седум судии беа назначени пред доаѓањето на власт на Пашинијан во 2018 година. Повикот за референдум дојде откако Уставниот суд донесе одлука да не поведе постапка за корупција против поранешниот претседател Роберт Кочарјан, потсетува ДПА.