10.8 C
Skopje
недела, април 28, 2024

Ерменија и Азербејџан со меѓусебни обвинувања за бомбардирање станбени згради

Ерменија и Азербејџан уште еднаш денеска се обвинија за бомбардирање станбени области, и покрај договорот за избегнување намерно насочување на огнот кон цивили во и околу планинската енклава Нагорно-Карабах.

Договорот со копретседателите на Минската група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) требало да биде четврти обид за прекин на огнот од почетокот на конфликтот на 27 септември. Бројот на жртви во најтешките воени конфликти во Јужен Кавказ во последните 25 години надмина 1.000 и веројатно е многу поголем.

Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е населен и контролиран од етнички Ерменци. Околу 30.000 луѓе биле убиени во војната во регионот од 1991-1994.

Службата за вонредни состојби и спасувања на Нагорно-Карабах соопшти дека централниот пазар во Степанкерт, најголемиот град во енклавата, бил на удар и големи делови од него биле изгорени.

Шушан Степанјан, портпарол на ерменското Министерство за одбрана, исто така рече дека неколку цивили се повредени во нападите врз стратешкиот град Шуши, 15 километри јужно од Степанкерт.

Министерството за одбрана на Азербејџан ги отфрли обете обвинувања. За регионите Тертер, Агдам и Агјабеди се вели дека биле на удар, како и Губади, град помеѓу енклавата и иранската граница окупирана оваа недела од азербејџанската армија.

Повеќе од 1.000 борци од Нагорно Карабах ги загубиле животите. Азербејџан не објави податоци за своите воени жртви, додека Русија проценува дека има околу 5.000 мртви од секоја страна.

Примирјето не успеа да ги запре борбите, а последното било со посредство на американскиот државен секретар Мајк Помпео минатата недела во Вашингтон.

Групата Минск на ОБСЕ соопшти дека Ерменија и Азербејџан исто така се согласиле да ги разменат телата на борците и дека ќе достават список на затвореници во рок од една недела, со намера за можна размена.