Ерменскиот претседател повика на одржување вонредни предвремени избори

Ерменскиот претседател Армен Саркисјан ги повика Владата и националното собрание да се подготват за одржување предвремени парламентарни избори.

Според него, Ерменија изгубила во војната што и била наметната – и на бојното поле и на дипломатското по.ле. Тој истакна дека земјата повеќе не е иста како на 26 септември, па дури и на 8 ноември, односно ден пред крајот на војната, пренесува Танјуг.

Сарксијан рече дека во изминатите денови имал повеќе состаноци со парламентарни и вонпарламентарни сили, јавни групи и поединци и дека разговарал со претставници на дијаспората. Тој истакна дека апсолутното мнозинство учесници на состаноците се согласуваат за една работа – дека е неопходна оставка на владата или укинување на нејзините овластувања, како и одржување на предвремени парламентарни избори.

Протести се одржуваат во Ерменија од 10 ноември, откако премиерот Никол Пашињан потпиша декларација за прекин на огнот со Азербејџан и Русија во Нагорно Карабах, област во Азербејџан со мнозинско ерменско население.

Демонстрантите сметаат дека договорот е предавство и бараат Пашињан да поднесе оставка.