Доколку САД ја откажат продажбата на ловците Ф-35, Турција ќе се сврти кон друга страна во однос на набавка на борбени авиони, порача турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган пред членовите на неговата партија (Партија за правда и развој – АКП) рекол дека одлуката на Вашингтон да ја исклучи Анкара од програмата за развој на овој тип авиони нема да ја спречи Турција да ги оствари своите потреби во военото воздухопловство, пренесува грчкиот весник „Катимерини“,.
САД објавија дека ќе ја исклучат Турција од програмата за Ф-35 откако Анкара набави руски ракетен одбранбен систем С-400, што за Вашингтон претставува закана.
Ердоган денеска потврди дека Турција планира да го започне користењето на ракетниот одбранбен систем С-400 во април.
„Наредната пролет, во април 2020 година, ќе можеме да го користиме овој систем“, рече Ердоган на собирот на неговата АКП во Анкара.
Американските власти се заканија дека ќе воведат санкции за Турција, а официјална Анкара ги отфрли ваквите предупредувања.
Ердоган рече дека се надева оти американските официјални претставници ќе бидат разумни во врска со санкциите, додавајќи дека и Турција би можела да ја преиспита својата одлука за купување нови авиони „боинг“ од САД.
„Нема да ни дадат Ф-35? Во ред, тогаш извинете, но ќе треба да преземеме акција за ова прашање и да се обратиме на друго место“, порача Ердоган.