Еруптираа италијанските вулкани Етна и Стромболи

Ерупциите на италијанскиот вулкан Етна и помалиот Стромболи, придружени со исфрлање врела пепел и лава, го подигнаа нивото на тревога на Сицилија во петокот и ги принудија властите да го затворат аеродромот во Катанија.

Етна, еден од најактивните вулкани во светот, е исклучително активен последните денови, а неговите ерупции го осветлуваат небото во близина на градот Катанија, додека Стромболи, конус на истоимениот остров, кој се наоѓа меѓу Еолските острови во Тиренското Море, исфрлаа лава во морето.

Италијанската цивилна заштита издаде црвен аларм за Стромболи, предупредувајќи на можно влошување на ситуацијата.

Министерот за цивилна заштита Нело Мусумеци рече дека плановите за евакуација на населението во Стромболи се „во готовност“. Противпожарната служба на островот двојно го зголеми бројот на дежурни пожарникари.

Околу градот Катанија, на источниот брег на Сицилија, жителите и властите почнаа да ги чистат улиците од вулканска пепел. Поради вулканската пепел, пистата на аеродромот е оневозможена и откажани се сите полетувања и пристигнувања на авиони.