Интегрално сооопштение на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), во однос на вчерашното убиство на жена во скопско Арачиново:
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) со жалење констатира дека вчерашното убиство на жената од страна на сопругот во нивниот семеен дом во Арачиново е последица на нефункционалноста на системот за заштита од семејно насилство во нашата држава. Ситуацијата е уште позагрижувачка доколку земеме во предвид дека пред неколку години во еден град во државата се случи трократно убиство како резултат на семејно насилство, при што за несоодветното постапување и непружањето на потребната заштита на жртвата, условно беа осудени вработени во ЦСР и полиција кои директно придонеле за таквиот епилог на случајот.
Станува збор за сериозни недостатоци во постапувањето на надлежните институции кои постојат еден подолг временски период, односно од самото законско регулирање на семејното насилство од 2004 година. За жал, наспроти декларативните заложби, државата до сега не покажа вистинска политичка волја, ниту пак алоцираше доволно финансиски средства за справување со овој сериозен општествен проблем. Постојано нагласувавме дека самото усвојување на закони, стратегии и акциони планови без нивна соодветна примена од страна на надлежните институции не придонесува за ефективна заштита на жените кои претрпеле семејно насилство. Како резултат на ваквиот однос, се поочигледен е недостатокот на правни, социјални, здравствени и др. услуги за жртвите, несоодветното постапување на Центрите за социјални работи и полицијата, благото санкционирање на семејното насилство од страна на судовите…
Сегашната вонредна состојба и примената на мерките за ограничено движење на населението, придонесе уште повеќе да дојдат до израз наведените недостатоци, но истовремено ја наметна потребата за преземање на итни мерки за заштита на жените кои претрпеле семејно насилство во услови на криза. Од овие причини, како организација алармиравме и поднесовме барање за неодложно запознавање на целото население за можностите за заштита од семејно насилство преку различни канали за комуникација, како што се: медиумите, мобилните оператори, претпријатијата за снабдување со вода и струја, маркетите и локалните кризни штабови за справување со кризата. Побаравме и формирање на посебен државен фонд и приоретизирање на предметите на семејно насилство при постапувањето на ЦСР, полицијата и судовите, како и обезбедување на итно згрижување, надомест на трошоците за живот и обезбедување на законски предвидената бесплатна здравствена заштита за жените кои претрпеле семејно насилство.
За жал, покрај добиениот формален одговор и декларативни заложби дека системот функционира, во пракса изостанува преземањето на суштински чекори за подобрување на состојбите со семејното насилство. За ова говори и актуелниот случај на ескалирање на семејното насилство кој завршил со убиство на жртвата од страна на нејзиниот сопруг.
Затоа бараме Владата, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за здравство, Центрите за социјална работа, полицијата, ОЈО, судовите, здравствените установи и сите останати надлежни институции и органи сериозно да го преиспитаат својот досегашен пасивен однос кон семејното насилство, да прекинат со толеранцијата на овој сериозен општествен проблем и да преземат вистински напори за спроведување на своите законски должности за обезбедување на неопходната помош и заштита на жртвите на семејно насилство.
Притоа, ги повторуваме нашите барања за итна заштита кои претходно ги упативме до Владата, Кризниот штаб и надлежните министерства:
Бараме од Владата формирање на посебен државен фонд за поддршка, преку кој ќе се покриваат трошоците за згрижување и трошоците за живот на жените кои претрпеле семејно насилство.
Бараме од Владата и надлежните министерства неодложно преземање на активности за информирање на населението во сите урбани и рурални места на живеење за можностите за заштита од семејно насилство (преку медиумите, мобилните оператори, претпријатијата за снабдување со вода и струја, маркетите и локалните кризни штабови за справување со кризата).
Бараме МТСП веднаш да достави до ЦСР јасни насоки за итно процесуирање на барањата на жените кои претрпеле семејно насилство согласно нивните потреби. Воедно, бараме МТСП веднаш без одлагање да ги информира ЦСР за потребата од промена на постоечките решенија за видување на децата, односно ограничување на видувањата на децата за периодот на вонредна состојба, со надоместување на тие видувања по престанокот на истата.
Бараме МВР веднаш да достави наредба со телеграма до сите полициски станици за обезбедување на итно згрижување на жените кои претрпеле семејно насилство во засолништа или хотели во нивното место на живеење, во ситуација кога мораат да го напуштат домот поради ризикот по нивниот живот и здравје. Бараме МВР да наложи неодложно и ефективно процесуирање на истрагите за кривичните дела сторени како резултат на семејно насилство. Воедно, бараме да не се процесуираат кривични постапки за сторено кривично дело „одземање на малолетник“ против жртвите на семејно насилство и да се воспостави соработка со ЦСР во ситуациите од ваков вид.
Бараме Министерството за правда веднаш да достави допис до Судскиот совет за итно одржување на онлајн седница со цел давање на приоритет на предметите поврзани со семејно насилство: кривичните дела сторени како резултат на семејно насилство, граѓанските постапки за изрекување на Привремени мерки за заштита и постапките за доверување на децата или промена на одлука за старателство (во ситуации кога има опасност по детето).
Бараме Министерството за здравство веднаш без одлагање да достави допис до сите здравствени установи за обезбедување на итна, неодложна и бесплатна здравствена заштита за жртвите на семејно насилство, согласночл. 31 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Интегралните барања и последователната комуникација со Владата и надлежните министерства ги имаме објавено на нашата веб страна, на следниот линк: