Едно лице загинало во палестински ракетен напад во четвртокот, што е првата жртва на израелската страна од почетокот на ракетерирањата од палестинската територија Појасот Газа, а на палестинската страна досега загинаа 28 лица во тридневната размена на оган меѓу израелската војска и палестинските милитантни групи.
Едно лице загинало во четвртокот во Реховот, јужно од Тел Авив, а повеќе се ранети кога палестинска ракета погодила станбена зграда, соопштија полицијата и спасувачките служби.
Додека палестинските ракети паѓаат во централниот и јужниот дел на Израел, израелската војска изведува воздушни удари во Појасот Газа. Оваа ескалација на насилствата, најголемата меѓу двете страни од август 2022 година, започна во вторникот со израелските напади врз палестинската територија, во прв ред врз цел на милитантната група Исламски џихад, организација којашто Израел, САД и Европската унија ја сметаат за „терористичка“.
Претходно во четвртокот Израел објави дека во израелските воздушни удари во Појасот Газа бил убиен водачот на Палестинскиот исламски џихад (PIJ), Али гали. Командантот на ракетните единици Бригадите на ал-Куд, военото крило на PIJ, Али Гали е четвртиот висок командант на исламистичката групација убие последните денови во израелските воздушни удари во Појасот Газа.
Во Газа, со којашто од 2007 година владее главното исламистичко движење Хамас, министерството за здравство извести за 28 мртви, меѓу кои има и деца, и повеќе од 80 ранети од вторникот. Меѓу загинатите се и борци на Исламскиот џихад и на Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP), соопштија двете вооружени групации.
Според најновите податоци на израелската војска, 547 ракети се истрелани од Појасот Газа врз израелската територија од почетокот на нападите во средата, од кои 175 биле пресретнати од комплексниот израелски систем за противвоздушна одбрана. Истовремено, војската извести дека гаѓала 166 цели во Појасот Газа, меѓу кои ракетни бази и позиции на вооружените групи.
Иран, кој го помага Исламскиот џихад, ги осуди „ционистичките злосторства“ и најави „пораз на окупаторскиот режим“, соопшти портпаролот на министерството за надворешни работи Насер Канани.
Во средата ноќта израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека израелската воена „кампања не е завршена“.
„Му го зададовме на Исламскиот џихад најголемиот удар кој некогаш ги претрпел“, рече Нетанјаху алудирајќи на истовремените ликвидации на тројцата команданти во воздушни удари во раните утрински часови во вторникот.
Со Појасот Газа, тесната (долга е 41 километар, а широка од 6 до 12 километри) крајбрежна палестинска територија на којашто живеат дури 2,3 милиони Палестинци на 365 квадратни километри, Израел од 2008 година водеше неколку војни.
Обиди за посредување
Европската унија повика на итен прекин на огнот во Газа и на запирање на ракетирањата на израелската територија.
„Повикуваме на итен прекин на огнот кој ќе ги запре израелските воени операции во Газа и ракетирањата на Израел, што е неприфатливо. Хуманитарното меѓународно право ора да се почитува“, апелираше во четвртокот високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедноста политика Жозеп Борел.
Во меѓувреме, Египет, кој во повеќето претходно судири се јавуваше како посредник меѓу двете страни, од средата вечерта се обидува да повторно да посредува за постигнување прекин на огнот, но настојувањата насилствата да се смират засега се неуспешни, изјави египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Египетската делегација треба во текот на ноќта да пристигне во Тел Авив на преговори за примирје, рекол неименуван египетски извор за AFP.
Американскиот амбасадор во Израел, Тон Нидес, изјави дека е „загрижен“ поради палестинските напади и дека „работи на брза деескалација“, се наведува во објавата на Twitter.
Во тридневниот судир меѓу израелската војска и Исламскиот џихад во август 2022 година, загинаа 49 Палестинци, меѓу кои најмалку 19 деца, според податоците на Обединетите нации. Повеќе од илјада ракети тогаш биле истрелани од Газа врз Израел, при што ранети биле три лица.
Израел – Појасот Газа, Западниот брег (на реката Јордан) и источен Ерусалим кој Палестинците го сакаат за главен град на својата идна држава а од пред неколку години е прогласен за „историска и неделива“ израелска престолнина – ги окупираше во ткн Шестдневна војна од 1967 година против Египет, Јордан, Сирија и Ирак. Тогаш беа заземени и Синај во Египет и Голанската висорамнина во Сирија.
Меѓународната заедница палестинските територии ги смета за окупирани од страна на Израел. Израелска војска ги напушти Синај во 1982 година а од Газа дефинитивно се повлече со враќање на околу 8.000 израелски доселеници во септември 2005 година, додека. Западниот брег и Голанската висорамнина сѐ уште се под управа на Израел, а постојано на меѓународна осуда наидуваат проектите за градење на нови доселенички населби на оваа територија.
Преговорите за засебна палестинска држава се замрзнати од 2014 година, откако Израел целиот Ерусалим го прогласи за свој главен град, а Тел Авив остана финансиската престолнина.