Ескалира насилството пред саботните претседателски избори во Авганистан

Во сабота во Авганистан треба да се одржат претседателските избори во атмосфера на ескалација на насилството и заканите на радикалното исламистичко движење Талибан, поради што ќе биде затворена речиси третина од избирачките места, пренесуваат во петокот тамошните медиуми.

Право на глас имаат 9,6 милиони регистрирани гласачи, меѓу кои се и 3,3 милиони жени, но голем број од гласачките места нема да бидат во функција, поради талибанските закани со напади со цел да се спречи одржувањето на изборите.

Талибаните изборите ги прогласија за „заговор на окупаторите“ на Авганистан за да ја консолидираат својата моќ. Исламските милитанти во повеќе наврати предупредија дека ќе ги напаѓаат избирачките места и безбедносните сили кои ќе бидат распоредени во текот на одржувањето на изборите. Истовремено, поради талибанските закани, соседен Пакистан во петокот ги затвори сите гранични премино со Авганистан.

Независната изборна комисија е загрижена и поради моќните изборни измами, па затоа објави дека за регистрација на гласачите ќе користи биометриски систем.

Гласачите ќе можат да избираат еден од 14-те кандидати на листата за претседатели, но само двајца ќе имаат шанси да бидат избрани на чело на државата. Тоа се претседателот на заминување Ашраф Гани и претседателот на Извршниот советр, Абдула Абдула, двојка која ја водеше земјата изминатите пет години во авганистанската влада на национално единство. Според анкетите, во водство е Абдула, а доколку ниеден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе се спроведе вториот круг.