Насилството ескалира на границата меѓу Либан и Израел во неделата кога Хезболах испрати беспилотни летала со експлозиви и лансираше моќни ракети кон израелските позиции, а Израел изврши воздушни напади врз неколку градови и села во јужен Либан.
Израел и либанското шиитско движење Хезболах кое тесно соработува со Иран разменуваат оган од почетокот на војната во Појасот Газа пред два месеца. Насилството е главно ограничено на пограничната област.
Израелските напади врз јужен Либан вклучуваат воздушни удари врз градот Аитарун, каде што беа уништени и оштетени многу куќи, јави либанската Национална новинска агенција NNA, без да прецизира дали има жртви.
Израелската војска немала коментар на барање на агенцијата Reuters.
Високиот политички претставник на Хезболах, Хасан Фадлалах, во изјавата вели дека тоа е „нова ескалација“ на која Хезболах одговара со нов тип нападид во однос на оружјете и целите.
Израелската војска објави дека „сомнителни воздушни цели“ преминале од Либан и дека две биле пресретнати. Двајца израелски војници се здобиле со умерени повреди, а неколку други се здобиле со полесни повреди, соопшти израелската армија.
Израелски воени авиони извршија „голем број напади врз цели на Хезболах на либанска територија“.
Сирени за тревога се огласија во неколку израелски населби во близина на границата.
Жителите на Бејрут виделе два воени авиона како го надлетуваат градот.
Висок функционер на Хезболах, шеикот Али Дамуш, во неделата изјави дека Хезболах ќе продолжи со напорите „да го исцрпи непријателот и нема да запре додека не заврши агресијата врз Газа и Либан“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека Бејрут ќе биде претворен „во Газа“ доколку Хезболах започне отворена војна.
Хезболах објави дека лансирал беспилотни летала со експлозив врз израелски команден пунтт во близина на Јаара. Истрелани се и ракети „Буркан“ (Вукан) кои носат стотици килограми експлозив.
Израелските воздушни напади беа пријавени на периферијата на либанското село Јарун, недалеку од локацијата на втората израелска позиција нападната од Хезболах во неделата. Во воздушните удари се скршени прозорци на куќи, продавници и училишта во блиското село Рмеиш, изјавил за Reutersсвештеникот од Рмејш, Тони Елиас.
Повеќе од 120 луѓе загинаа во насилството на границата во Либан, вклучувајќи 85 борци на Хезболах и 16 цивили. Во Израел загинаа седум војници и четворица цивили.
Хезболах и Израел водеа две големи војни од 1980-тите. Израелските трупи беа принудени да се повлечат од Либан по конфликтот во 2006 година. Хезболах има значително присуство во јужен Либан и периодично се конфронтира со израелските сили кои патролираат по границата.
Во војната од 2006 година со израелската сила, Хезболах се покажа како сериозен противник, а воените аналитичари предупредуваат дека неговите борци се зстекнале со големо борбено искуство со учеството во војната во соседна Сирија започната од 2011 година, и оти движењето е добро вооружено благодарејќи на целосната поддршка од Иран.
Движењето на шиитската заедница во Либан со неговото воено крило е формирано во заднината на долгата граѓанска војна со вмешаност на САД и Израел во 1982 година со поддршка на Иранската револуционерна гарда. Се смета дека е најдобро вооружена групација во регионот на Блискиот исток, а се здоби со големо борбено искуство учествувајќи во регионалните војни главно во Сирија на стрнаа на владата на претседателот Башар ал-Асад.
Шиитски Хезболах и сунитски Хамас во блискоисточните војни многу често беа на различните страни, па дури имаше и меѓусебни судири. Меѓутоа, заедничко им е крајната нетрпеливост и непријателство кон Израел