Откако претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, одби да потпише три неодамна усвоени закона и ги врати во парламентот на повторно разгледување, ескалираше конфликтот меѓу премиерот Милојко Спајиќ и претседателот Милатовиќ, велат во петокот аналитичарите во Подгорица.
Милатовиќ и Спајиќ се лидери на популистичкото „Движење Европа сега“ (ПЕС), а се најдоа на водечки позиции во Црна Гора по зголемената популарност на нивната политичка партија, која победи на парламентарните избори минатата година, додека Милатовиќ убедливо го победи деценискиот црнокорски челник Мило Ѓукановиќ на претседателските избори.
Во вторникот, на изненадување на црногорската јавност, Милатовиќ ги искористи своите уставни овластувања и во парламентот врати три закона на владата на Спајиќ, прогласувајќи ги за неуставни. Станува збор за закони за локална самоуправа, за економски компании и за Агенцијата за електронски комуникации.
Првата политичка партија која ја критикуваше одлуката на Милатовиќ беше токму неговиот ПЕС, кој го обвини дека сака да го „зачува одборот на директори на најголемата државна компанија „Електропривреда Црне Горе“, која е под контрола на претходниот премиер Дритан Абазовиќ“.
Според аналитичарите во Подгорица, ескалацијата на конфликтот Милатовиќ-Спајиќ била очекувана, со оглед на тоа што конфликтот тлее повеќе од една година.
„Мислам дека преку ова, како и преку некои претходни спротивставувања на владините политики, Милатовиќ се обидува да се промовира како клучен и значаен актер на политичката сцена“, изјави политичкиот аналитичар Стефан Ѓукиќ за Телевизија Црна Гора.
Доказ за тоа, вели Ѓукиќ, е фактот што Милатовиќ и по победата на претседателските избори не ги замрзна партиските активности. Смета дека со враќањето на законите во парламентот нема ништо да се смени и дека повторно ќе се гласа, но, како што вели, динамиката на одлучување може да се промени во иднина.
„Милатовиќ направи потег со кој вели дека во иднина треба да има комуникација со него, односно дека и тој сака да биде прашан“, рече Ѓукиќ.
Политичкиот конфликт меѓу Спајиќ и Милатовиќ, потсетува ТВЦГ, започна во пресрет на претседателските избори, во јануари минатата година, кога Милатовиќ му замери на Спајиќ дека криел од јавноста дека има српско државјанство. Потоа на тогашен Twitter (сега Х) порача „дека ниту Спајиќ ниту неговата партија не ја покажале потребната доза на одговорност“.
Несогласувања имаше и за настапот на парламентарните избори. Седницата на Главниот одбор на ПЕС, на која беше одлучено „Движењето Европа сега“ да настапува самостојно, а носител на листата да биде Спајиќ, се одржа без Милатовиќ.
Различните ставови продолжија и по изборите, кога Милатовиќ критички го коментираше начинот на кој Спајиќ како мандатар ги спроведува консултациите, како и тогашната најава на Спајиќ дека нема да има место во владата за просрпската десница, што Милатовиќ го посакуваше во новата црногорска влада.
Милатовиќ во декември го критикуваше и буџетот предложен од владата на Спајиќ. Меѓутоа, во новогодишното интервју за црногорскиот јавен сервис, Милатовиќ негираше дека односите меѓу него и Спајиќ се нарушени. Тој рече дека „личните односи не се толку важни“.
Милатовиќ и Спајиќ беа министри во владата на Здравко Кривокапиќ. Тоа беше првата влада што беше формирана по парламентарните избори во 2020 година, на кои по три децении беше поразена Демократската партија на социјалистите (ДПС0 на Мило Ѓукановиќ. Според некои аналитичари во Подгорица, Српската православна црква (СПЦ) тогаш имала големо влијание врз нејзиното формирање. Тие двајца, тогашни министри за економија и финансии, се автори на проектот Европа сега, со кој минималната плата во Црна Гора се зголеми од 222 на 450 евра.
Со овој популистички потег тие ја обезбедија политичката поддршка на најсиромашниот дел од црногорското население, а по падот на владата на Здравко Кривокапиќ во февруари 2022 година ја формираа политичката партија „Движење Европа Сад“. Со нивното предизборно ветување во пресрет на претседателските и парламентарните избори во 2023 година, дека просечната плата во Црна Гора ќе ја покачат на илјада евра, лани доминираа на политичката сцена.
Милатовиќ победи во вториот круг од претседателските избори во април со 60 отсто поддршка против претходно неприкосновениот црногорски лидер Мило Ѓукаовиќ, додека нивниот ПЕС победи на парламентарните избори одржани во јуни.