Специјалниот претставник на Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар патува во Австрија, каде што ќе се сретне со канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за да разговара за изборите во Македонија и Србија, соопшти Стејт департментот.
Освен во Австрија, Ескобар оди и во Белгија, Косово и Црна Гора од 10 до 18 март, пренесува Гласот на Америка.
„Неговата посета ќе ја потврди посветеноста на САД кон земјите од Западен Балкан додека тие се стремат кон евроатлантска интеграција и подлабока регионална соработка“, се вели во соопштението од Стејт департментот.
За време на посетата на Белгија, Ескобар ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) Мирослав Лајчак и други претставници на ЕУ и НАТО, за да разговараат за напорите за унапредување на реформите кои ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет во регионот на Западен Балкан.
Во Косово, пак, тој ќе се сретне со косовските владини лидери, граѓанското општество и заедниците на косовските Срби за да ја нагласи континуираната силна поддршка на САД за дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, олеснет од ЕУ, кажа Стејт департментот.