Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за Би-Би-Си изјави дека ситуацијата на северот на Косово е последица на недостиг на волја на премиерот Аљбин Курти да ја слуша меѓународната заедница.
„Оваа ескалација делумно е резултат на немањето волја од страна на косовската страна да ја слуша меѓународната заедница. Ова непотребно предизвика тензии. Има и други згради од кои можеме да се работи. Пандемијата „Ковид-19“ нѐ научи дека можеме да работиме и од алтернативни локации“, рече Ескобар.
Тој додаде дека напорите на САД да се координираат со Владата на Косово наидоа на отпор.
„Курти вети дека градоначалниците на северот ќе имаат само технички овластувања додека не се најде решение услугите на граѓаните да бидат функционални, но тоа се претвори во конфликт меѓу оние кои не сакаа новите градоначалници да стапат на функција и тие кој инсистираа градоначалниците да бидат во тие општини од симболични причини“, рече Ескобар.
Тој нагласи дека една недела САД му даваат сигнали на премиерот Курти за деескалација на ситуацијата на северот на земјата и потсети дека се поставени три јасни барања кои мора да се исполнат.
Му дадовме многу сигнали, да ги повлече градоначалниците од општинските згради, да ја отстрани косовската полиција од зградите и потоа итно да влезе во процедура за формирање на Заедницата на српските општини“, подвлече Ескобар.
Како што е најавено, Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, во понеделник и вторник ќе престојуваат во Косово и Србија, со цел да се вклучат во деескалација на тензиите на северот на Косово.