Ескобар: Отворен Балкан е важен економски проект

САД ве охрабруваат иницијативата Отворен Балкан да остане економска. Ова не е политички проект, туку е важен економски проект и битно е да остане таков и да се фокусира на создавањето можности за луѓето од регионот и на тој начин ќе имате поддршка, порача денеска во видео обраќањето во Охрид на Самитот Отворен Балкан, заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој најпрво потсети на неодамна одржаниот стратешки билатерален дијалог меѓу Македонија и САД, каде било договорено дека САД ќе направат се што е во нивна моќ да го стабилизираат регионот и да создадат нови можности за луѓето од Западен Балкан.

– САД не го гледаат Западен Балкан од гледна точка на проблемите што се случуваа во 90-те години, го гледаме преку призмата на можностите на 21 век. А можностите на Западен Балкан се огромни. Западен Балкан е благословен со одлична географска позиција, со прекрасни ресурси, но и со голем претприемачки дух и со децении луѓето од Западен Балкан ја градеа мојата земја, ја градеа Европа и поради благодарност го поддржуваме Западен Балкан, затоа што сакаме да им помогнеме на вашите луѓе да го изградат регионот – рече Ескобар.

Тој истакна дека Западен Балкан има потенцијал да биде центар за обновлива енегргија што, рече, ќе ни помогне да се справиме со климатските промени.

– Има капацитет да биде центар за течен природен гас и да и помогне на Европа да се ослободи од зависноста на рускиот гас, може да биде центар и за транспорт, за информатичка технологија, за туризам а на неколку начини веќе е дел од Европа што има најбрз раст, а за неколку години ќе се соочиме со економски предизвици, идејата е да се соочиме со нив заедно, и тоа да ни ги олесни работите – рече тој.

Ескобар потенцира дека САД ја поддржуват иницијативата Отворен Балкан и оти нивната поддршка се заснова на неколку работи.

– Прво се работи не само за регионална економска соработка, туку и за интеграција во пошироката европска структура, иако прекуграничната трговија во Западен Балкан е навистина многу важна, главните пазари се европски. Во 70 проценти од вашата трговија веќе се случува со Европа и затоа треба да биде насочено кон поголема европска интеграција. Ние ги поддржуваме сите економски иницијативи што го зближуваат регионот и кои промовираат мир и стабилност меѓу земјите од Западен Балкан – рече тој.

Ескобар нагласи дека САД веруваат оти со цел ова да биде успешно, треба да биде отворено за сите и оти секоја иницијатива за економска интеграција треба да ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан на еднакво ниво.

– Ова е прекрасна иницијатива што доаѓа во многу важно време низ историјата и за развој на Западен Балкан. Се надевам дека ќе стане појасно за тоа како би требало да функционира во иднина и затоа имаме неколку препораки за нашите пријатели. Прво, како што споменав има многу можности и иницијативи за интеграција. Затоа ги охрабрувам лидерите на оваа иницијатива да побараат начини за конкретно да го усогласат Отворен Балкан со сите други иницијативи што функционираат во регионот – изјави Ескобар.

Тој додаде дека САД го охрабруваат и планот за инстиуционален развој на Западен Балкан.

– Може да има и конкуретни предности со создавање поголема предвидливост за инвеститорите, но најважно создавање можност и институционален развој за институциите што треба да го намалат шверцувањето и избегнувањето плаќање даноци, затоа што потребна ни е економија што ќе им помогне на инвеститорите кои сакаат да работат законски. Исто така ги охрабрувам лидерите на оваа иницијатива да се вклучат повеќе и да внесат повеќе засегнати страни, да се ангажираат отворено со стопанските комори во регионот. Но потребно е да се слушне нивниот глас, затоа што тој е важен во формирањето на политиките и институциите на иницијативата Отворен Балкан – заклучи Ескобар.

Подоцна лидерите на земјите учеснички на самитот, предвидено е да потпишаат договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан.