Ескобар утре во Приштина на средби со државниот врв и опозицијата

Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за косовско-српскиот дијалог, Габриел Ескобар ќе допатува утре во Косово, каде што, освен со челниците на државните институции, ќе се сретне и со опозициските лидери, јави дописникот на МИА од Приштина.

Порталот „Газета експрес“ од свои извори дознава дека Ескобар ќе има заедничка средба со лидерите на трите најголеми опозициски партии, Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, односно со Мемли Красниќи, Љумир Абдиџику и Рамуш Харадинај. Според најавите, средбата треба да се одржи утре напладне во американската амбасада во Приштина.

Ова е втора посета на американскиот емисар на Косово за помалку од два месеци, а и минатиот пат тој ги собра опозициските лидери на работна вечера во резиденцијата на американскиот амбасадор, Џефри Ховениер.

Посетата на Ескобар доаѓа откако минатата недела американскиот државен секретар, Ентони Блинкен имаше телефонски разговор со косовскиот премиер. Албин Курти, како и со српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Последните недели видно се интензивира вклучувањето на меѓународниот фактор во процесот на преговори меѓу Приштина и Белград.

Покрај телефонските разговори на Блинкен, во изнаоѓањето решенија за споровите и олеснување на дијалогот се вклучија и германскиот канцелар, Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, кои преку нивните советници им предадоа на косовските и српските лидери предлози за начинот и динамиката на продолжување на преговорите.

Минатата недела во ненајавена посета на Приштина, на средба со премиерот Курти, допатува специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, кој вчера исто така го посети и Белград и се сретна со претседателот Вучиќ.