ЕСМ ќе го преземе управувањето со топланата „Скопје-Север“, откако корисниците од Чаир и Бутел деновиве беа без парно

Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека топланата „Скопје Север“ и АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) денеска ги завршуваат преговорите и ќе потпишат договор за деловно техничка соработка, со што ЕСМ го презема управувањето со топланата и затоплувањето на нејзините корисници.

-Раководството на Топланата „Север“ денеска во 13 часот е на состанок во АД ЕСМ каде треба да ги заврши преговорите, да потпишат договор за деловно техничка соработка и да се обезбеди затоплување на граѓаните во општините Чаир и Бутел, како и на институциите, градинките и училиштата во овие општини, со оглед на тоа дека ЕСМ го презеде затоплувањето и на тој дел, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за завршување на изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола.

Претходно АД ЕСМ објави дека испораката на топлинска енергија тече непречено и така и ќе продолжи и во следниот период, како и дека за декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО.

Минатата недела на топланата „Скопје Север“ најави дека ќе користи мазут, но и беше изречена забрана од страна на инспектори од Секторот за животна средина во Град Скопје. Директорот Куштрим Рамадани изјави тогаш дека не знае дали решението што го добиле е во согласност со закон и најави дека ќе го обжалат. Раководството, исто така, поради тоа што нема средства за набавка на гас, бараше од Владата да ја субвенционира набавката, што беше одбиено од нејзина страна.

Поради немање енергенс, топланата „Скопје-Север“ деновиве не работеше и објектите кои се приклучени на системот,  домаќинствата, образовните и здравствените установи, останаа деновиве без никакво греењеПоради студените радијатори училиштата во општините Чаир и Бутел го прекинаа наставниот процес и ги ослободија учениците.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, на „Скопје-Север“ ѝ беа понудени две опции, да склучи договор со ЕСМ за деловно техничка соработка или за закуп, по примерот со топланите Скопје Исток и за Скопје Запад.