АД ЕСМ ќе набави природен гас од Макпетрол за топланите Исток и Запад за периодот 01-15 ноември и за КОГЕЛ во подружница Енергетика за периодот 01-30 ноември. Со оглед на тоа што приватната гасна електрана ТЕ ТО има обезбедено гас за својот режим на работа за месец ноември, за истата не е извршена набавка од АД ЕСМ.
Фирмата PGO извести дека не е во можност да почне да испорачува од 1 ноември, туку од 15 ноември, што дополнително ќе подлежи на нова понуда. Со овој понудувач ќе биде потребно да се комплетира и комуникацијата во однос на останатите документи кои се побаруваат пред склучување на договор.
За понатамошниот период ќе се побараат нови понуди од заинтересираните фирми за снабдување, и тоа за топланите Исток и Запад, за КОГЕЛ во Енергетика и за евентуално ангажирање на приватната гасна електрана ТЕ ТО од страна на АД ЕСМ.
Набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди.
Во следните денови, ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе потпише и договор со ТЕ ТО за месец ноември за преземање на топлинската енергија од оваа електрана, која ќе треба да влезе во системот на топлинска енергија за градот Скопје.
АД ЕСМ веќе ја информира јавноста дека алтернативно гориво за топланите е дизел горивото, за кое капацитетите технички и технолошки се подготвуваат да го користат и истото е полесно достапно за набавка.
АД ЕСМ со своите друштва за топлинска непрекинато испорачува греење за градот Скопје и истото ќе продолжи и во следниот период.