Во услови кога Скопје често е најзагаден град во Европа, ЕСМ бара до 11 илјади тони од овој енергенс за топланите Исток и Запад, објави Телма.
Повикот од Електрани е рамковен, а рокот за доставување на понудите беше до осми јануари годинава. Со избраниот понудувач ќе се склучи рамковна спогодба за набавка на алтернативно гориво за периодот до крајот на април, а ако има потреба, дотогаш мазутот за греење ќе се користи најмногу 15 дена.
Од ЕСМ тврдат дека проблеми нема, а набавката на мазут се прави затоа што ЕСМ има законска обврска за тоа. Мора да има резерва ако случајно се појават проблеми со гасот, за да може да има непрекината испорака на топлинска енергија.
За време на енергетската криза претходното раководство на ЕСМ имаше обид, наместо мазут, како второ алтернативно гориво во случај на недостиг на гас, да се овозможи да се користи дизел – опција која според тогашните тврдења била подобра поради загаденоста. Но, тоа не се реализираше затоа што се покажа дека топланите немаат филтри за дизел. Па, така алтернативно гориво остана мазутот. Сепакм поради тоа што се стравуваше од висока концентрација на загаденост на воздухот, не се употребуваше.
Со последниот повик ЕСМ за топланите набави гас од бугарски снабдувач со фиксна цена од 64 евра за мегават час, но количините се само за еден месец, за разлика од минатата година кога набавките беа за три месеци.
Инаку, ЕСМ почна да ги менаџира топланите Исток и Запад, откако го презеде работењето на топлинското греење од Балкан Енерџи Груп, компанија која со години го водеше бизнисот.