Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 г. за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ. Испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од 6 ч до 22 часот, следејќи строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Според овие правила, во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот.
Притоа, доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците. При точно дефинирани одредени атмосферски услови кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности по направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, т.е. централното греење повторно се вклучува.
Од вкупно 62.579 активни потрошувачи што се приклучени на централното греење преку ЕСМ, 61.486 се домаќинства, а 1093 се деловни објекти и институции, додека околу 1980 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.
Важно е да потенцираме дека оваа година, првпат споредбено со претходните години бележиме најнизок број на затворени објекти на почетокот на грејната сезона. Ова се должи пред сè на соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како и на заложбата на новите раководства на компаниите основани од АД ЕСМ, особено ЕСМ Дистрибуција, која имаше клучна улога во продуктивната и постојана комуникација со корисниците.
Додека минатата грејна сезона, во 225 објекти не беа обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, оваа година тој број е двојно помал, односно во 96 објекти сè уште не се обезбедени услови за испорака. Од нив, во 57 објекти има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 објекти нема пристап до топлинските станици, а во 19 објекти топлинските станици немаат електрично напојување. Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација.
Ги поттикнуваме потрошувачите, пред да пријават дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, да проверат дали нивниот објект е на списокот на моментално затворени објекти кои немаат услови за испорака на топлинска енергија. Оваа листа е достапна на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување (esm-snabduvanje.mk).
Соработката на потрошувачите и заедниците на сопственици е од клучно значење за навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија, и во интерес на сите засегнати страни. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.