Новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола работат исклучиво според позитивните законски прописи и нема да дозволат ниту најмал сомнеж за злоупотреби при спроведување на Законот за јавни набавки. Во контекст на јавната набавка за ангажирање на работна сила при потребата од машински интервенции во РЕК Битола, испочитувана е комплетната процедура, известуваат од АД ЕСМ.
„Согласно архивираноста на секој од документите кои се дел од предметната постапка, процедурата е спроведена во периодот пред да стапат на функција новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола. Јавниот повик бил објавен во мај годинава, и постапката за евалуација и избор на изведувачите е спроведена од претходното раководство на Комбинатот, вклучувајќи ја и Одлуката за избор потпишана на 22 август годинава од претходниот раководител на подружница РЕК Битола – Пеце Матески.
Договорот е потпишан на 7 октомври од новиот раководител на подружницата, и тоа дури откако е направено испитување на пазарните цени во однос на оние од Одлуката за избор и констатацијата на стручните служби дека биле понудени односно избрани за најповолни – најниските цени достапни на пазарот во моментот. Имено, на актуелниот јавен повик од 2024 година, постигнати се единечни цени по работна рака кои се за околу 40 отсто пониски во однос на цените постигнати во 2022 и во 2023 година, согласно критериумот најниска цена. За изминатите две години, за истиот повик единствен понудувач била фирмата „Марковски Компани“, додека во 2024 година – биле пријавени пет фирми од кои четири учествувале на таканаречената „негативна аукција“ преку која била постигната најниска цена од страна на посочената фирма“, се истакнува во соопштението.
Појаснуваат дека станува збор за рамковен договор според кој се плаќа по ангажман, односно само доколку комбинатот – при одредени зафати има потреба од таков кадар.
АД ЕСМ, додаваат од компанијата, работи исклучиво според законите, и нема намера да врши политичка селекција на фирми кои учествуваат во сегментот јавни набавки. Според нив, секоја фирма и потенцијален оператор што се јавува на распишаните јавни повици е, и ќе биде предмет на детална проверка, согласно Законот за јавни набавки и според утврдените критериуми и правила за учество.