Неопходна е соработка во акутелните услови со енергетската криза за да се оебзеди струја во доволни количини и по оптимални цени како за граѓаните така и за стопанството, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. На денешното обраќање на винскиот саем премиерот објасни како земјите од Западен Балкан имаат недостиг и од гас и од струја. Тој ги откри плановите за зимава, зборуваше за ЕСМ, ТЕ-ТО и можното поврзување со останатите земји.
– За да може да се обезбеди електрична енергија по цена која граѓаните можат да ја издржат, земјите ја субвенционираат цената. Тоа се пари за коишто ние овде зборувавме, колку е префрлено на компаниите за производство на електрична енергија. Само минатата недела префрливме 50 милиони на ЕСМ за да може да обезбеди електрична енергија што 80 проценти е субвенционирана за граѓаните – изјави Ковачевски во одговор на прашање на дописникот на МИА од Белград како и кога планираат Отворен Балкан енергетски да се поврзе и дали има помош од ЕУ.
Тој при учеството на Самитот посочи дека како и цела Европа така во Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се соочуваат со недостиг на електрична енергија и исклучително висока цена на суровини за производство.
– Кога ќе ги погледнете цените на електрична енергија, цените на гасот, цените на мазутот, тоа значи дека ги нема во доволни количини. Тоа треба да го знаат сите граѓани. Бидејќи постојат политичари коишто тие недостатоци сакаат да им дадат политичка димензија што не е точно. Значи, на пазарот постои недостаток. Гасот не е достапен заради војната во Украина, мазутот го има во помали количини бидејќи се користи повеќе заради недостаток на гас, и заради недостаток на ветер во северните мориња, заради сушата во Европа, заради неможноста да се ладат нуклеарните централи во Франција, во Германија најголем дел од реакторите се исклучени, а секој економист ќе ви каже дека маргиналната цена на крајот ја определува побарувачката. И затоа на високи цени се намалува и побарувачката – рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека ЕСМ има задача да ги активира сите производствени капацитети – РЕК Битола со оспособување на сите три блока, ТЕЦ Неготино, Когел која што е со помал капацитет и ставање во употреба за балансна енергија на сите хидропотенцијали, затоа што, вели, хидропотенцијалите можат да се користат како базна енергија, но во овој момент тоа е практично невозможно заради долгите сушни периоди и намаленоста на капацитетот на акумулации на ниво некаде околу 50 проценти.
– Во такви услови ставањето во производство на сите централи што ги имаме бара енергенси што се со повисока цена. Тие енергенси се најмногу од увоз. Што значи дека најквалитетниот јаглен го има во Албанија, и во Грција, меѓутоа и таа цена заради порастот на сите цени е зголемена. Ако цената на јагленот беше 43 евра за тон сега е 93 и над 93 евра. Транспортот заради зголемената цена на мазутот и на дизелот исто така е зголемен. Тоа значи дека и производството на електрична енергија во домашни услови е поголемо. Но, државата тоа го прави и ЕСМ кај нас има задача 25 проценти од производството да го зголеми во однос на минатата година и тоа го прави -истакна тој.
За ТЕ-ТО да работи до 31 март потребен е гас
Додаде дека сите граѓани кои се на регулираниот пазар, значи сите домаќинства во државата и сите мали потрошувачи на електрична енергија, сите домаќинства во Северна Македонија плус 72 илјади мали потрошувачи, а тоа се приватни компании се на регулираниот пазар коишто добиваат 80 проценти субвенционирана цена на електрична енергија.
– Тие субвенции се од Буџетот на државата. На слободниот пазар кај нас има околу 1.300 приватни компании и околу 530 институции коишто се на либерализиран, на слободен пазар и коишто преку трговците на електрична енергија си купуваат електрична енергија. Она што се нивни барања е ставање во функција на приватните производствени капацитети на електрична енергија, тоа во нашата држава се обновливите извори на електрична енергија доминантно фотоволтаици и мали хидроцентрали и ставање во функција на гасната когенеративна централа ТЕ-ТО со цел енергијата да им биде понудена по цени коишто се под берзанските цени на слободниот пазар така да можат нивните производствени и услужни процеси тоа да го издржат. Во моментов Министерството за економија и ЕСМ и други мои колеги од ресорот преговараат со сопствениците на ТЕ-ТО со цел од почетокот на грејната до крајот на грејната сезона, значи до 31 март да работи ТЕ-ТО. Доколку при неговата работа што е со капацитет од скоро 200 мегавати се појават вишоци тогаш нормално дека ќе го понудиме на нашите први соседи – Србија, Албанија и другите коишто ќе имаат потреба. Но, доколку се појави – истакна Ковачевски.
Но, додаде, за да ова сето се овозможи и ТЕ-ТО да работи потребен е гас.
– Гас во моментов има Србија. Тоа е проблемот. Во изминатите 30 години на независна Северна Македонија и Србија не е направена интерконекција. Тоа е нешто што е наследено и мораме да го направиме заедно. Второ, во изминатите 30 години не е направена интерконекција помеѓу Грција и Северна Македонија за да може да се приклучиме на Енерџи терминалот, тоа е исто така нешто што се прави на среден рок. Ние како држава веќе имаме потпишано и меморандум и договори со ДЕСФА тоа е компанијата за оперирање на гасоводите во Грција за изградба на гасовод од Солун преку Евзони до Неготино. Веднаш кога ќе биде тоа готово, разговаравме со претседателот на Србија ќе биде овозможено Србија да има интерконектор со Северна Македонија – рече тој.
Мазут од Грција, а загуби од домашната мрежа која не е реновирана
Истото, дополни, се однесува и на Албанија. Албанија, кажа Ковачевски, има потенцијал преку ново големо пристаниште и за Енерџи и за други суровини и затоа ќе мора прво да се инвестира во големиот проект за железница и патишта во Албанија и потоа за изградба на гасоводот.
– Мрежата која што во изминатите 30 години не е реконструирана во однос на високонапонското поврзување на Северна Македонија и Косово и Црна Гора прави проблеми во нашата мрежа при зголемен напон односно вишоци на електрична енергија која што е во мрежа и таа ќе мора да се прави исто така на среден рок. Дополнително изградба на фотонапонски централи во земјава близу до изворите на базна енергија понудивме исто така да бидат регионални проекти и на Србија, и на Албанија. Јас сум веќе во контакт со премиерот на Грција во однос на обезбедување на мазут, бидејќи мазутот доаѓа од Грција, а знаете дека ТЕЦ Неготино работи на мазут и последно каде што е уште една држава која што јас исто така сметам дека треба да присуствува на овие состаноци, тоа е Бугарија која што гранични со две од државите на Отворен Балкан ние мора да обезбедиме на барање на стопанските субјекти кај нас непречено функционирање на меѓународните интерконекции во текот на целата зима – рече премиерот.
Според него, ако секоја од нашите држави согласно со своите финансиски можности реши сама да го консолидира својот електронергетски систем таа нема да биде во можност да го направи.
– Затоа ваква искрена соработка, соработка која што е на база на економија е нешто што ќе овозможи да имаме елекетроенергетски систем којшто ќе овозможи електрична енергија во доволни количини кои во моментов ги нема и електрична енергија по цени коишто ќе прават електрична енергија која што ќе овозможи конкурентна економија за сите држава и која што ќе овозможи оптимална цена за граѓаните која ќе мора тие да ја плаќаат – заклучи Ковачевски.
Албанија пронајде нафта и ќе гради терминал за ЛНГ-гас
Албанскиот премиер Еди Рама на истото прашање одговори дека Албанија сѐ уште ги испитува сите можности за искористување на големи количества на нафта и гас што се откриени во областа Шпират, но, како што кажа, ова е поврзано со она што го разговаравме за она што можеме заедно да го направиме со Северна Македонија, бидејќи овие количества на нафта и гас откриени од Шел сѐ уште се во фаза на анализа.
– Она што се договаравме со Србија има врска со енергетиката и рударството, бидејќи ние сме ослонети на хидроцентрали, додека Србија е на термоцентрали и е потребен јаглен и таму каде можеме да разменуваме јаглен со енергија, тоа може да биде добро решение за двете страни. За гасот, Албанија во моментов има историска можност за трансформација на пристаништето Вљора каде сакаме да го претвориме во ЛНГ терминал и да создадеме можност електраната во овој град да произведува електрична струја и од гас. што има врска со Македонија и Косово, кои можат да станат дел од овој проект – рече Рама.
Тој додаде дека Албанија е во процес на диверзификација за претварање на Албанија во нето извозник и да овозможи своја независност, но тоа, според него, ќе потрае неколку години.