Американската медиумска мрежа ESPN по завршувањето на конференциските полуфиналиња во НБА лигата ги објави најдобрите поединци во текот на одиграните две кола од плејофот.
Во својот избор, ESPN се водел од различни статистички детали како што се мерење на одбранбената и офанзивната ефикасност на играчите во споредба со просекот во лигата, придонесот во вкупниот процент на победа на сопствениот тим, индивидуалните достигнувања и слично.
Поединечно од трката за шампионската титула испаднаа првите двајца во плејофот. Најдобар е Никола Јокиќ, играчот на Денвер Нагетс кој нема да ја брани титулата од минатата сезона, додека на второто место е Шеј Гилџеус-Александер, предводникот на Оклахома Сити Тандер, кој заглави во полуфиналето на Западот против Далас Маверикс.
Од „преживеаните“ играчи, според ESPN, Ентони Едвардс од Минесота Тимберволвс моментално е најдобар. По него следува крилото на Бостон Селтиск, Џејсон Тејтам, потоа првото име на Далас Маверикс, Лука Дончиќ и уште еден играч на Бостон – Дерик Вајт. Зад Вајт е најдобриот играч на Индијана Пејсерс, Тајрис Халибертон.
Кога станува збор за Едвардс, се издвојува серијата во која неговата Минесота го исфрли шампионот Денвер со 4-3. Иако Едвардс постигна само 16 поени во последниот натпревар од таа серија, тој имаше просек од импресивни 27,7 поени по натпревар против Денвер со 5,7 асистенции и 5,1 скока.
Минесота го чека финалето на Западот против Далас, а Едвардс имаше еден од најслабите настапи оваа сезона токму против тимот од Тексас во средината на декември кога постигна само девет поени со шутирање 3 од 19.
Делумно, таа серија може да се опише како дуел меѓу Едвардс и Лука Дончиќ, за кого ESPN наведува дека ќе му биде голем предизвик да игра против најдобриот одбранбен тим во лигата. Иако Минесота го носи тој епитет, против овој ривал, Дончиќ беше импресивен и оваа сезона, постигнувајќи просечни 36,5 поени по натпревар со 10,5 асистенции против Минесота.
Заедно со споменатото дуо, на самиот врв се и играчите на Бостон – Џејсон Тејтам и Дерик Вајт. И додека позицијата на Тејтам на врвот од кој било ред е логична, Дерик Вајт игра „под радарот“ откако пристигна во Бостон од Сан Антонио Спарс, но на голем број важни натпревари тимот најдобро реагира кога тој е на паркетот, а придонесува за својата екипа во сите статистички категории. Во финалната серија на Истокот против Индијана, многу важна ќе биде неговата дефанзивна улога на Халибертон, првата ѕвезда на Индијана.