Естонија ја прегази Македонија за седум минути, против Чешка го бркаме невозможното плус 45 разлика

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и вториот пораз на претквалификацискиот олимписки турнир во Талин, откако по синоќешниот убедлив пораз од израел вечерва на сличен начин беше прегазена и од домашната Естонија (59-83).

На домаќинот му требаа само седум минути на почетокот да ни покаже дека е далеку поквалитетен ривал во моментов, период во кој постигна 17 поени во низа како одговор на нашето воведно водство со кошот на Војдан Стојановски. На крајот од првиот период веќе бевме во негатива од 18 поени (7-25), со што стана јасно дека нема што да бараме против составот со кој ќе водиме и директна битка за пласман на ЕП 2025. Естонците ни одржаа кошаркарска лекција, беа побрзи, поинтилегентни, покреативно и далеку попрецизни, а разликата на паркетот беше толку голема што се чинеше дека би можеле да нѐ победа со било која разлика што би ја посакале.

Војдан Стојановски со 12 поени и Ти-Џеј Шортс со 11 поени одново беа единствено што колку-толку му парираа на противникот, додека Каспер Треире со 14 поени беше најпрецизен во победничкиот тим.

Македонија сега има скор 0-2 на турнирот во Талин и нема никакви шанси за пласман на едно од првите две места, кои водат во полуфиналната фаза што ќе се игра во Гљивице, а од каде победникот ќе обезбеди место во квалификациите за ЛОИ 2024. Пред жолто-црвените останува уште еден дуел и тоа во вторник против Чешка (15 часот), кој за нас реално нема никакво резултатско значење, иако математичарите пресметаа дека има начин, сепак, да завршиме како втори. Тоа би се случило само ако ги прегазиме Чесите со најмалку 45 поени разлика, а Естонија потоа да загуби од Израел.