![estonija eu](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/07/estonija-eu.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Естонија во саботата го презема ротационото претседателствување со Европската унија од Малта, којашто претседаваше во првата половина од 2017 година, и според најавите во следните шест месеци Унијата ќе биде свртена исклучиво на себеси.
Улогата на земјата којашто го извршува ротирачкото претседателствување со ЕУ во најголемиот дел се однесува на извршувањето на административните работи, што вклучува претседавање со министерските состаноци и организирање преговори меѓу земјите членки и Европскиот парламент на кои се усогласуваат законодавните предлози.
Од стапувањето на сила на Лисабонскиот договор од 1 декември 2009 година, улогата на земјата која претседава со ЕУ не е забележителна како порано, бидејќи со состаноците на европските челници претседава постојаниот претседател на Европскиот совет, а не повеќе премиерот на земјата претседавач.
Покрај тоа, со Советот за надворешни работи претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика. Меѓутоа, со сите други формации на Советот претседава земјата претседавач, која има важна улога во усогласувањата на законодавните предлози и сите одлуки коишто произлегуваат од надлежноста на Советот .
Поради процесот на британското истапување од ЕУ, Естонија го презема претседателстувањето шест месеци порано од првично планираното. Имено, во втората половина од годинава требаше да претседава Велика Британија, а Естонија по неа во првата половина од 2018 година. Откако Обединетото Кралство се откажа од претседавањето, сѐ беше поместено за шест месеци. Според претходните планови, кога уште не се размислуваше дека Британија ќе ја напушти ЕУ, некои земји беше предвидено да претседаваат дури по десет години.
Естонија, најсеверната од трите балтички земји членки на ЕУ која има 1,3 милиони жители, за свое мото го избра „Единство преку рамнотежа“.
„Веруваме дека во Европа (еуфемизам за ЕУ) постои широк консензус дека можеме да одговориме на сите предизвици и да ги искористиме сите можности кои ни се нудат денес. Мораме да ја поттикнуваме отвореноста и на економиите и на општествата, а истовремено да осигуриме заштита и безбедност. Нашата улога е да пронајдеме рамнотежа меѓу различните погледи, традициите и интересите во сегашната Европа за да ги постигнеме најдобрите можни резултати за европските граѓани“, се наведува во изјавата на владата на Естонија по повод преземањето на претседателството со ЕУ.
Во програмата за претседателстувањето се наведуваат четирите приоритети на коишто ќе биде ставен акцентот: отворена и иновативна европска економија; безбедна и заштитена ЕУ; дигитална ЕУ и слободен проток на податоците; вклучителна и одржлива ЕУ. Меѓу овие четири приоритети, Естонија ѝ дава предност на дигиталната ЕУ, бидејќи оваа земја со години е предводник во дигиталната технологија.
Со години наназад естонската влада ги одржува седниците без печатени материјали, сите се во електронска форма, најголемиот дел од главниот град Талин е покриен со бесплатен безжичен интернет, официјалните документи може да се потпишуваат со електронски потпис, лекарските рецепти може да се порачаат со СМС. На последните парламентарни избор одржани пред две години, третина од избирачите гласале „онлајн“.
Естонија сака своето претседавање да го искористи и за јакнење на свеста за кибернетичката безбедност. Во таа смисла, во текот на претседавањето на делегациите како подарок ќе им се дели уред за полнење на мобилните телефони и преносните компјутери преку УСБ на јавни места, а кој спречува тие уреди да бидат заразени со вируси или со евентуално губење на податоците. Овој уред неформално се нарекува „УСБ кондом“.
Во текот на претседавањето Естонија ќе организира 45 настани во врска со дигиталните теми, а на 29 септември во Талин ќе го организира самитот на челниците на ЕУ, кој ќе биде посветен токму на оваа тема.