Етнос: Заев ги прифаќа барањата на Албанците и промена на името

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски бил националист, затоа што не ги прифаќал ниту барањата на Албанците, ниту оние за промена на уставното име, за разлика од лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој што е подготвен да ги прифати обете.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, со ваква теза излезе анализа во грчкиот весник „Етнос“, во која што се наведува дека и кај албанскиот елемент постои подготвеност за „придонес кон решавање на името”, со што ќе се отворел „патот за евро-атлантска интеграција”.

Единствената пречка што ја одржувала кризата според Етнос бил Никола Груевски и неговата наводно националистичка реторика.

„Груевски игра на националистичка карта и го одбива предлогот за усвојување на Албанскиот како втор јазик и израмнување на Албанците, нешто што неговиот противник Зоран Заев се чини дека го прифаќа, со што ги зголемува шансите за обезбедување на неопходните албански гласови во парламентот за да формира влада”, пишува „Етнос“.

Во анализата се вели и дека евентуалната влада формирана од Зоран Заев, ќе има нов пристап кон евро-атлантските односи, а во прв ред, кон прашањето за името, бидејќи тој и неговата партија, исто како и албанските партии, неколку пати истакнале дека се “залагаат за решение на прашањето за името”.

„Зоран Заев ќе го прифати критицизмот дека направил премногу отстапки кон албанскиот елемент, а нема да биде лесно да се одолее ни на стигмата за “продажба на името”, но за прв пат во последната декада, можеби се создаваат услови за да се бара компромис на прашањето за името”, пишува „Етнос“.

Грчките медиуми во континуитет информираат дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, СДСМ и Зоран Заев се подготвени за прифаќање на грчките барања за промена на уставното име и прифаќање на сложено име со географска одредница за вкупна употреба. Ова беше потврдено и во неодамнешна анализа на информативното онлајн издание Ворија.

„Ако Груевски ја формира владата, политиката кон Грција нема да се помени и македонизмот ќе надвладее, а тоа беше и главниот аргумент за изборната победа. Наместо тоа, влада на чело со социјал-демократите на Зоран Заев целосно ќе ја смени сликата, со оглед на тоа што овој политичар прифаќа сложено име за земјата, како и мнозинството Грци политичари. Тоа значи дека тогаш би имало и договор за името, но да се надеваме дека грчката страна нема да прифати „Македонска нација” и „Македонски јазик”, пишуваше во анализата на „Ворија”.

Порталот информираше и дека поради овие причини, администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама се залагаше за тоа Зоран Заев да стане премиер, додека интервенцијата на албанскиот премиер Еди Рама во македонските внатрешни работи е јавно промовирана и спонзорирана од страна на соросовото Отворено општество.