![eto go dotolci](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/01/eto-go-dotolci.jpg?resize=635%2C455&ssl=1)
Неделниот дерби натпревар од 22. коло во англиската Премиер лига, дуелот на „Стемфорд Бриџ” помеѓу фаворитот за шампионската титула, тимот на Челзи и најголемото разочарување во досегашниот тек од сезоната, Манчестер Јунајтед, заврши со сигурен триумф на лондонските „сини” од 3:1.
Сите погодоци за домашниот тим беа дело на камерунскиот интернационалец Самуел Ето, а почесниот погодок за гостинот беше дело на резервниот напаѓач на Јунајтед, Хавиер Ернандез.
„Мислам дека одигравме добро во поголемиот дел од натпреварот, но примивме два наивни погодока. Лошо реагиравме и при третиот погодок, не бевме доволно сконцентрирани. Тука противникот ја направи потребнат разлика. Бевме очајни при сите прекини, особено при ударите од аголот. Пресуден се покажа вториот погодок кој го примивме на крајот од првото полувреме”, изјави менаџерот на Јунајтед, Дејвид Мојс.
Поради не толку груб страт врз Азард, директен црвен картон во самиот финиш од натпреварот доби капитенот на „црвените ѓаволи”, српскиот интернационалец, Немања Видиќ.
Идентична победа од 3:1, но на гостувањето во Свонси, забележаа фудбалерите на Тотенхем, а нови два погодока на своето конто запиша интернационалецот од Того, Емануел Адебајор.