Од одредени политички субјекти сум прозван дека сум основал Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга. Некои пак споменуваат Факултет за медицински науки, а тоа се два различни поими. Нема да навлегувам во причините за ваквите објави, дали се тенденциозни или од незнаење, но оваа информација категорично ја демантирам, вели во писменото соопштение министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
„Би сакал да појаснам дека министер не може да основа високообразовна установа. Тоа е цела постапка во која се инволвирани повеќе надлежни институции и органи, а меѓу нив и Министерството за образование и наука кое во суштина, има најмалку надлежности.
Основањето на една високообразовна установа, во случајов факултет во состав на веќе постоечки универзитет започнува со иницијатива на самиот универзитет, која најпрво треба да добие позитивно мислење, односно согласност од Владата. Потоа, Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование го акредитира проектот доставен од универзитетот. Понатаму, следи носење на акти за основање и работа на факултетот од страна на матична комисија при универзитетот и дури потоа, по завршување на овие фази, врз основа на мислење на комисија за увид во исполнетост на условите за работа, во рамки на МОН, министерот за образование и наука носи одлука за исполнетост на условите и дозвола за почеток со работа. Во меѓувреме, Одборот за акредитација спроведува постапка за акредитирање на студиските програми, до чие завршување факултетот не може да запишува студенти. Оваа постапка е во тек.
Инаку, како и за повеќе други факултети, така и за овој – Факултет за здравствени науки каде ќе има тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори, по доставениот извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа на високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно, вели Шаќири.