Лидерите на Гермјанија, Франција и Италија најавија дека ќе ја насочат енергијата на брзо доделување на 6,4 милијарда евра за пет милиони невработени млади во Европа. Со овој заеднички став, настрана ги оставија своите разлики во однос на фискалната дисциплина и политичко штедење.
На вонредниот самит на Европската унија за вработување во Милано, трет од таков вид во последната година и половина, лидерите на најсилните европски економии не понудија никакви нови предлози ниту инвестиции, во момент кога е се поголемото незадоволство на јавноста поради неуспехот на владите во Европа, да ја вратат економијата на здрави нозе.
„Ова е голем предизвик за Европа,“ изјави францускиот претседател Франсоа Оланд за завршната конференција за новинарите на која присуствуваше германската канцеларка Ангела Меркел и италијанскиот премиер Матео Ренци.
„Ако не сме во состојба да понудиме надеж на новата генерација, луѓето ќе и свртат грб на Европа. Ги гледаме ризикот и заканите,“ изјави Оланд.
Лидерите како приоритет го поставија отстранувањето на пречките за ослободување на средствата кои веќе се наменети за вработување на младите, како поедноставни процедури, скратување на роковите и унапредување на размените меѓу националните агенции за вработување.
„Од 6,4 милијарди евра кои за периодот 2014/2015 се определени за помош при вработување на младите Европјани, до сега се потрошени само 800 милиони евра или околу 12 отсто,“ изјави претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Т.н програма „Гаранција за младите“ овозможува четири месеци по завршувањето на школувањето или останувањето без работа секое младо лице во Европа на возраст од 15 до 24 години да добие моженост за работна пракса, усовршување или преквалификација со цел вработување.
Францускиот претседател исто така ја отфрли можноста за воведување на дополнителни мерски за штедење за буџетскиот дефицит на Франција да биде доведен во рамките на границите на ЕУ пред 2017 година, инсистирајќи европските прописи во поглед на буџетската дисциплина да бидат олабавени за да се заштити успорениот раст на еврозоната.
Од друга страна германската канцеларка порача дека се противи на олабувавањето на буџетските прописи на ЕУ, наведувајќи дека во формирањето на постоечките прописи учевствувале сите членки на Унијата.
„Франција изјави дека ќе ги почитува своите обврски, а мислам дека и Италија исто размислува. Убедена сум дека сите ќе бидат свесни за својата одговорност,“ порача Меркел.