Европската унија денеска ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да им дозволи на американските трупи да користат противпешадиски мини (ППМ) надвор од Корејскиот Полуостров.
– Нивната употреба насекаде, во секое време и за сите во Европската Унија е целосно неприфатлива, истакна шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој рече дека американската одлука ги поткопува глобалните светски прописи за ППМ кои помогнале во зачувувањето на животите на десетици илјади луѓе во последните дваесет години.
– Повеќето од жртвите на тие мини се деца. Тие оружја се некомпатибилни со меѓународното хуманитарно право, потсети Борел.
Сите земји-членки на ЕУ се приклучија кон Конвенцијата за забрана за ППМ која има 164 потписнички.
– Европската унија и САД се и важни донатори кои помагаат во акција против мините во светот, го поддржуваат деминирањето, нотификацијата за ризик од мини, помош за жртвите и уништување на залихи, додаде Борел.
Тој вели дека повторното дозволување на употреба на тие мини не само што директно е во спротивност со тие дела туку и негативно влијае на меѓународниот поредок заснован на прописи.
Одлуката за укинување на ограничувањето за американската армија поврзано со употребата на противпешадиските мини Трамп ја донесе во петокот.
„Тргнувајќи од силните заложби да се гарантира способноста на нашите вооружени сили да се спротистават на секакви закани, американскиот претседател Доналд Трамп ја укинува забраната која ја наметна администрацијата ја Барак Обама за употреба на противпешадиските мини надвор од Корејскиот Полуостров“, соопшти Белата куќа.