ЕУ без договор за нова рунда санкции против Русија, разговорите продолжуваат во петок

Членките на Европската унија не успеаја да се договорат за нов пакет санкции против Русија во четвртокот, потенцијално пропуштајќи го планираниот рок за нивно воведување една година по руската инвазија во Украина во петокот, изјави дипломатски извор за Ројтерс.

Сите 27 членки на ЕУ мора едногласно да се согласат за воведување санкции. Агенциите повикувајќи се на свои извори, тврдат дека Полска го блокира пакетот поради предложените исклучоци од забраната за увоз на руска синтетичка гума во ЕУ.

Според овие извори, полските дипломати изјавиле дека исклучоците се толку големи што санкциите ќе станат неефикасни. Други извори, пак, известиле дека овие исклучоци биле предложени поради Италија, со поддршка од Германија.

Претставниците на членките повторно се среќаваат во петок наутро за да се обидат да постигнат договор.

Десеттиот пакет санкции од почетокот на руската инвазија треба, според намерите на ЕУ, да ѝ отежне на Русија да ја финансира војната и да ѝ ги ускрати производите што ѝ се потребни за производство на оружје.

Новиот пакет вклучува ограничувања во вредност од околу 10 милијарди евра и насочени кон неколку руски банки и пропагандисти. Поединци поврзани со иранското производство на беспилотни летала што ги користи Русија против Украина, исто така беа ставени на црната листа.

Според некои извори, сепак, се очекува Варшава да даде согласност во петок бидејќи новиот пакет санкции, кој симболично би бил објавен на годишнината од почетокот на војната, е поважен од аргументите околу неговата содржина.