![ursula-fon-der5-lajen-janez-jansa](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/07/ursula-fon-der5-lajen-janez-jansa.png?resize=646%2C408&ssl=1)
Европската комисија позитивно го оцени словенечкиот план за обновување и издржливост, соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен, за време на нејзината посета на Словенија, која во четвртокот го презема претседателството со Советот на ЕУ.
Фон дер Леајен истакна дека Европската комисија дава позитивна оценка на словенечкиот план за закрепнување, вреден 2,5 милијарди евра.
„Словенија го презема раководството на ЕУ во момент на пресвртница за нашата Унија. Наш приоритет е брзо закрепнување“, изјави фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот на Словенија, Јанез Јанша.
На Twitter челничката на извршното тело на Унијата објави дека смета на поддршката на словенечкото претседателство за одобрување на што повеќе национални планови за обнова пред летната пауза.
Според планот што Брисел го одобри за Словенија, таа ќе добие 2,5 милијарди евра во следните пет години (1,8 милијарди евра грантови и 705 милиони евра заеми).
Словенија се очекува да ги добие првите 231 милион евра на крајот на септември. Во сеопфатен документ, владата планира, меѓу другото, мерки за заштита од поплави, дигитално заживување на јавната администрација и поевтино домување.
Урсула фон дер Лњјен пристигна во Словенија со еврокомесарите по повод преземањето на претседателството на Словенија од Советот на ЕУ. Фон дер Лејен, заедно со премиерот Јанез Јанша, ги посетија здравствените проекти кои се финансираат во рамките на планот за закрепнување на клиниката за детски болести во Љубљана.
Претседателката на Европската комисија и еврокомесарите ќе се сретнат и со претседателот на Словенија Борут Пахор и со членови на словенечкиот Парламент, а еднодневната посета ќе заврши на Блед, на премиера на балетот во изведба на Словенечкиот народен театар во Марибор.