ЕУ ѝ дава на Украина уште пет милијарди евра воена помош во 2024.

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во средата се договорија дека преку реформата на Европскиот инструмент за мировна помош, ќе обезбедат воена помош за Украина во износ од пет милијарди евра за оваа година, објави белгиското претседателство.

„Амбасадорите на ЕУ начелно се согласија за реформа на Европскиот инструмент за мировна помош, со цел да ѝ помогнат на Украина со 5 милијарди евра за 2024 година. Европската унија останува решена да обезбеди постојана поддршка за Украина и да обезбеди земјата да ја добие воената опрема треба да се брани“, соопштува белгиското претседателство на социјалната мрежа Х.

Со месеци немаше напредок во разговорите меѓу земјите членки, а главни пречки беа Германија и Франција, секојa од свои причини. Германија побара нејзината билатерална помош за Украина да се брои кога ќе се пресмета колку ќе уплати во тој фонд. Од друга страна, Франција побара со средствата на тој фонд да се купи оружје од европско производство за Украина.

Европскиот инструмент за мировна помош е вонбуџетски инструмент чија цел е зајакнување на способноста на ЕУ да спречи конфликти, да изгради мир и да ја зајакне меѓународната безбедност.

Сега во рамките на тој инструмент е формиран Фондот за помош на Украина. Од овој фонд земјите-членки добиваат пари за оружје и муниција што ги испраќаат во Украина. Досега од EPF се исплатени 6,1 милијарди евра за воена помош за Украина.

Минатата година високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, предложи создавање на специјален фонд за Украина, кој ќе има на располагање пет милијарди евра годишно во следните четири години.