
Во четвртокот, Полска го отстрани своето вето на пакетот што вклучува макрофинансиска помош за Украина, откако се заодовил со малку поинаква формулација во текстот со заклучоците на самитот на Европската унија за минималната стапка на корпоративен данок на профитот на мултинационалните компании, соопштија вечерва дипломатски извори.
Унгарија долго време се спротивставуваше на пакетот макрофинансиска помош за Украина во износ од 18 милијарди за 2023 година. Во исто време, на Унгарија и требаше зелено светло за нејзиниот план за закрепнување и отпорност од 5,8 милијарди евра до крајот на оваа година. Без тоа зелено светло, таа неповратно би изгубила 70 отсто од таа сума.
Затоа, беше одлучено во еден врезан акет да се стави макрофинансиската помош за Украина, одобрувањето на унгарскиот национален план за закрепнување, предлогот на Европската комисија за замрзнување на Унгарија од 7,5 милијарди евра од три кохезиони фондови и минималната стапка на корпоративните даноци.
Во понеделникот, амбасадорите на ЕУ гласаа за замрзнување на 6,35 милијарди евра од кохезионите фондови за Унгарија, нешто помалку од износот предложен од ЕК, и беше одобрен унгарски план за закрепнување во замена за отстранување на ветото на Будимпешта за помошта за Украина и договорот за минимална стапка на корпоративен данок.
Сепак, во средата вечерта, се појави ветото од Полска, која оцени дека е погрешно да се вклопат помошта за Украина и стапката на корпоративниот данок во истиот пакет. Глобалниот минимален корпоративен данок од 15 отсто беше договорен од 140 земји во ОЕЦД за да се спречат големите меѓународни компании да ја префрлаат добивката низ светот за да ги намалат своите даночни обврски.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во четвртокот пред почетокот на самитот во Брисел изјави дека не е во ред да се стави во ист пакет и да се поврзе прашањето за помошта од ЕУ за Украина со прашањето за минималната стапка на корпоративните даноци, бидејќи тоа е еден вид на уцена.
„Тоа е мешање круши и јаболка. Непотребно е да се поврзат различни работи како помошта за Украина, што е морално прашање, со корпоративните даноци“, рече Моравјецки по пристигнувањето на самитот на лидерите на ЕУ.
Сега, според дипломатски извори, е договорена формулација која ја задоволила Полска. Станува збор за тоа што во текстот на заклучоците стои став дека данокот на мултинационалните компании се наплатува онаму каде што остваруваат профиити.