Министрите за енергетика на земјите членки на Европската унија се договорија во понеделникот дека механизмот за ограничување на цената на гасот ќе се активира кога цената ќе достигне 180 евра по мегават/час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот природен гас (LNG) во периодот од три последователни трговски дена, објавија новинските агенции повикувајќи се на дипломатски извори.
Против овој плафон единствено против гласала Унгарија, додека државите кои претходно, исто така, се противеа – Австрија и Холандија биле воздржани на гласањето, додека за Германија различни извори информираат дека била воздржана односно дека го поддржала предлогот.
Сите овие земји се противеа на интервенцијата на слободниот пазар на гасот и ограничување на цените, предупредувајќи дека тоа може да има одраз и во други прашања.
За оваа одлука е договорено дека не е потребен консензус, туку дека е доволно квалификувано мнозинство. Тоа значи дека е потребно да го поддржат 55 отсто од државните членки, односно 15 од 27-те, кои сочинуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на ЕУ.
Механизмот ќе може да се активира од 15-ти февруари следната година.
Министрите за енергетика на својот минатонеделен состанок не успеаја да договорат ограничување на цената на гасот, бидејќи за повеќето држави членки беше неприфатлив предлогот на Европската комисија во кој според нив превисоко е поставена горната граница на цената на гасот.
Европската комисија кон крајот на ноември предложи воспоставување корективен пазарен механизам кој би се активирал кога цената на холандската берза на гасот TTF, најголемиот гасен јазол во Европа, две седмици ќе биде над 275 евра за мегават/час и 58 евра повеќе од референтната цена на LNG-то на светскиот пазар десет последователни трговски дена во текот на две седмици.
Според процените на стручњаците, сепак, стануваше збор за многу висок лимит. Имено, цената на порамнувањето на хабот TTF на месечните термински договори во целата неговата историја ја надминал цената од 275 евра за мегават/час само неколку дена во август годинава.
Поради разидувањето меѓу земјите членки, чешкото претседателство со Советот на ЕУ претходно во понеделникот излезе со нов предлог, според кој механизмот би се активирал кога цената на гасот ќе достигне 188 евра за мегават/час на TTF во период од три дена со ред.
Претходно во понеделникот Русија, која до војната во Украина ги намируваше за повеќе од 40 отсто потребите од природен гас во Европа, повтори дека е „неприфатлива“ одлуката на ЕУ за ограничување на цената на гасот,
„Тоа е нарушување на пазарниот процес на формирање на цените. Секоја референца на ‘ограничување’ на цената е неприфатливо“, рече за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Медведев.