Советот на Европската унија во вторникот усвои низа правни акти за да се осигура дека нето-добивката од неочекуваните и вонредните приходи од замрзнатите руски средства се користат за воена поддршка за Украина, како и за зајакнување на капацитетите на нејзината одбранбена индустрија и обнова.
Тоа значи дека финансиските институции кои ги чуваат руските замрзнати средства на своите сметки во износ од повеќе од милион евра ќе дадат финансиски придонес од нивната нето добивка акумулирана од 15-ти февруари годинава.
На 12-ти февруари 2024 година, Советот на ЕУ одлучи дека финансиските институции кои поседуваат повеќе од милион евра средства и резерви на Руската централна банка, а која е имобилизирана како резултат на рестриктивните мерки на ЕУ, мора да издвојат вонредни средства кои се акумулираат поради овие мерки и дека не можат да располагаат со нето добивката што произлегува од неа.
Одлуката денеска и формално ја потврди Советот откако на почетокот на месецов беше постигнат договорот на амбасадорско ниво. Според таа одлука, 90 отсто од овие средства ќе одат во фондот на ЕУ за воена помош за Украина, а останатите 10 отсто за нејзината одбранбена индустрија и одбрана. Според проценките на ЕУ, замрзнатите руски средства би можеле да донесат меѓу 15 и 20 милијарди евра до 2027 година.
Во декември, Европската комисија поднесе директива до Советот на ЕУ на одобрување која, како прв чекор во процесот на конфискација на приходите од реинвестирање на руски имот, повлекува обврска таквиот приход да се стави на посебна банкарска сметка. Потоа се очекува овие пари да подлежат на европски даноци околу 100 отсто. Планирано е даночните приходи директно да се префрлаат во буџетот на ЕУ. На овој начин, средствата ќе бидат повлечени за понатамошна употреба по дискреција на ЕК (на пример, за финансирање програми за поддршка на Украина). Засега, оваа директива не предвидува конфискација на руските финансиски средства. Во моментов, околу 200 милијарди евра од суверените средства на Русија се замрзнати во ЕУ.
Европската унија, САД, Јапонија и Канада замрзнаа околу 300 милијарди долари од средствата на руската централна банка во 2022 година кога Русија ја започна својата инвазија на Украина.
Земјите од Г7 имаат намера да ја принудат Русија да ги надомести загубите на Украина од замрзнатите средства и да им наложат на владите да развијат мерки за спроведување на овој чекор, произлегува од заедничката изјава на челниците земјите од Г7 по виртуелниот самит во саботата во врска со двегодишнината од почетокот на рускта инвазија во соседната земја.
„Посветени сме да обезбедиме целосна одговорност и да ја поддржиме Украина да добие компензација за нејзините загуби… Руските суверени средства во нашите јурисдикции ќе останат замрзнати додека Русија не ја плати штетата предизвикана на Украина“, се вели во соопштението.
Од министрите беше барано пред самитот да ги претстават сите можни мерки што ќе помогнат да се искористат замрзнатите руски средства за поддршка на Украина.
Меѓутоа, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) претходно предупреди за ризиците од конфискација на руски капитал. Меѓународните банки, исто така, ги повикаа властите во Обединетото Кралство да воспостават правни стандарди пред евентуално заплена на руски имот, бидејќи тоа ги загрозува правните постапки и може да се одрази на кредибилетот на самите британски финансиски институции во светот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека заплената на руски имот од други земји е незаконска и претппоставува сериозни штетни последици. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во врска со овие намери изјави дека конфискацијата на руски имот ризикува да доведе до прекин на односите со САД.
Москва може да возврати со заплена на 280 милијарди евра западен капитал
Откако рускиот претседател Владимир Путин испрати вооружени сили во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства во западните банки.
Американските и британските власти сега предлагаат замрзнатите средства да бидат запленети и искористени за обнова на Украина разурната од војна и се надевааа дека лидерите на Г7 ќе го прифатат предлогот на состанокот кон крајот на февруари.
Русија го обвини Вашингтон дека се обидува да употреби принудна тактика за да добие поддршка од европските земји за предлогот, кој и според некои западни правно-финансиски експерти нема основа во меѓународното право. Москва соопшти дека има список на американски, европски и други средства и дека може да возврати со иста мера.
Во извештајот објавен кон крајот на јануари, беа наведени податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесувале вкупно 288 милијарди долари.
Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ изнесувала 223,3 милијарди долари на крајот на 2022 година, а речиси половина од таа сума, односно 98,3 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, многу странци, меѓу кои и руски државјани, отворија сметки во Кипар. Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди.
Меѓу петте најголеми европски инвеститори во руската економија е Франција со средства и инвестиции во вкупна вредност од 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари. Меѓу земјите од Г7, е наведена и е Велика Британија во групата водечки инвеститори со средства во Русија од 18,9 милијарди долари. Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесувале 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.
Швајцарија и Норвешка обично донесуваат антируски мерки, а кон крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди и 683 милиони долари, соодветно.