Европската комисија во петокот најави дека ќе предложи укинување на поместувањето на стрелките на часовникот двапати годишно, додека одлуката за тоа кое време ќе биде избрано, летното или зимското, спаѓа во надлежност на државите членки и не може да биде припишано на ниво на Европската унија.
Иако претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во интервјуто за германската јавна телевизија ZDF навестува дека како основно време ќе биде земено сегашното летно време (ГМТ+2), портпаролот на ЕК, Александер Винтерстејн во петокот појасни дека тоа претствувало „начин како да се објасни од страна на Јункер“ отстапувањето од поместувањето на часовникот двапати годишно.
Европската унија во 2001 година донесе директива за летното сметање на времето, со којашто е утврдено дека двапати годишно ќе се поместуваат стрелките на часовникот на ист датум и во ист час. Директивата е донесена исклучиво поради потребите на единствениот европски пазар. Во практиката, Европејците од 1996 година усогласено ги поместуваат стрелките за еден час нанапред последната седмица во март, а ги враќаат еден час наназад последната седмица во октомври.
Земјите членки на Европската унија се простираат во три временски зони и сите тие ги поместуваат и враќаат часовниците во исто време, но секоја од нив може слободно да донесе одлука во која временска зона ќе биде.
Европската комисија во петокот ги објави прелиминарните резултати од јавното советување за сезонското придвижување на стрелките на часовниците во Европа, во коешто учествувале 4,6 милиони граѓани. Големо мнозинство, дури 84 отсто од испитаниците, се изјасниле дека треба да се престане со практиката на поместување на часовниците, а повеќето во рамките на ова мнозинство сакаат да се заржи летното сметање на времето во текот на целата година. Според резултатите од ова советување, ЕК објави дека ќе го послуша гласот на народот и ќе предложи промена на директивата.
Но веќе се појавија приговори зошто ЕК толку брзо реагира на резултатите од испитувањето на јавното мнение, чијашто анализа се’ уште не е целосно завршена. Од 4,6 милиони граѓани кои учествувале во советодавната анкета, околу 3 милиона биле од Германија, додека, на пример, Французите и Италијанците, биле многу малку застапени.
Повеќето од оние кои учествувале во јавното советување се изјасниле за тоа да се задржи летното сметање на времето во текот на целата година. Но тоа тогаш би можело да значи, на пример, во Белгија во декември во 9 часот наутро уште да биде темнициа, доколку земјата сака да остане во средноевропското време. Во Франција веќе најавуваат дека таа би требало да мине на лондонското време (ГМТ).