ЕУ е скептична кон укинување на патентот за ковид-вакцините

Европската унија е скептична кон полезноста од укинувањето на правата на интелектуалната сопственост на вакцините против Covid-19 како начин на борбата против пандемијата, но е подготвена да разговара за конкретниот предлог, изјави во саботата претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Според Мишел, вистинскиот пат во борбата против пандемијата на коронавирусот е што е поскоро можно да се произведат повеќе вакцини и да се укинат извозните ограничувања на вакцините во земјите како што се САД и Велика Британија. Овие земји, истакна Мишел на вториот ден од самитот на ЕУ во португалски Порто, ја произведуваат вакцината но не им ја продаваат на другите.

„Во Европа одлучивме да го овозможиме извозот и ги поттикнуваме сите партнери да го олеснат извозот на вакцините“, рече Мишел.

Јужноафриканската Република и Индија, кои се погодини со позаразните нови соеви на коронавирусот, први ѝ предложија на Светската трговска организација (СЗО – WHO) укинување на патентите на вакцините против Covid-19, а тоа го поддржаа бројни земји во развој.

Според податоците на СЗО, во април биле употребени 700 милиони дози од вакцините во светот, меѓутоа од тоа само 0,2 отсто биле инјектирани во сиромашните земји.

Дискусиите за ова прашање повторно се разгореа во средата кога американскиот претседател Џо Бајден ја поддржа идејата, под услов да се спроведе под покровителството на Светската трговска организација (СТО – WTO). Скептиците, пак, тврдат дека би се потрошило премногу време на договорот во СТО и градењето на капацитетите за производство.

„Што се однесува на интелектуалната сопственост, не веруваме дека, краткорочно гледано, тоа е волшебното решение, но подготвени сме за тоа да разговараме веднаш штом на масата ќе имаме некој конкретен предлог“, изјави Мишел.

Европски функционери за агенцијата Reuters, под услови на анонимност, рекле дека Германија, во којашто е седиштето на биотехнолошката лабораторија „BioNTech“ каде е создадаена вакцината против коронавирусот на новата платформа на ткн „гласничка“ РНК а која ја произведува американски „Pfizer“, на дискусијата во петокот остро се спротиставила на укинувањето на интелектуалната сопственост на вакцините.

Недоворбата кон оваа идеја јавно искажаа и Португалија, Естонија, Белгија и Ирска, додека за укинување јавно се заложија Грција и Италија.

Европската унија, тврдат европските функционери, е најголемиот извозник на вакцините против коронавитусот, со околу 200 милиони дози испорачен во 90 земји.

Во петокот шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, истакна дека веќе во јули ќе бидат вакцинирани 70 отсто од возрасната популација во Европската унија, и дека Унијата тоа го постигнала и покрај фактот што не го забранила извозот на вакцините како другите.

„Некои може да кажат дека земјите како САД и Обединетото Кралство биле побрзи во почетокот, но ЕУ го постигна овој упсех и истовремено остана отворена кон светот. Додека друтите домашното производство на вакцините го задржуваат за себе, Европа е главниот извозник на вакцините во светот“, рече фон дер Лејен.