ЕУ е загрижена поради непријателските изјави на Ердоган упатени кон Грција

Европската унија изразила сериозна загриженост поради непријателските изјави на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган упатени до Атина, по повод статусот на грчките острови во близина на брегот на Турција.

„Вашата окупација на островите во Егејското море во близина на Турција не не врзува нас на ниеден начин. Кога ќе дојде момент за тоа ќе направиме што е потребно. Можеме одненадеж да дојдеме во текот на ноќта“, рекол турскиот претседател на еден состанок во саботата, користејќи формулација која ја користел пред започнувањето на воената операција во Сирија.

Ердоган покрај тоа и се заканил на Грција и дека ќе плати висока цена, оценувајќи дека го нарушува турскиот воздушен простор и ги вознемирува турските авиони во Егејското море.

„Тие непријателски изјави на турското политичко водство против Грција и грчкиот народ предизвикуваат сериозна загриженост“, рекол Петер Стано, портпаролот на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во одговорот на прашањето од новинарите.

Тој додал дека ЕУ очекува од Турција да се воздржи од секаква вербална ескалација и да се обврзе да промовира односи на добрососедство.

„Во односите со Грција секое нерешено прашање треба да се решава на мирен начин, со дијалог и доверба, со почитување на меѓународното право во склад со принципите на добрососедство“, додал тој.

Стано додал дека Грција е членка на ЕУ и дека суверенитетот и интегритетот на членките на ЕУ треба да се почитува. Атина обвинува дека турски воени авиони често ги надлетуваат грчките острови во близина на турската граница и поради тоа ги пресретнува нејзиното Воено воздухопловство.

Турција од друга страна го осудува присуството на грчки воени сили на тие острови, што е, како што тврди, спротивно на мировните договори потпишани по Првата и Втората светска војна.