Исплатени се последните 1,5 милијарди евра од програмата за поддршка на Украина, од вкупно 18 милијарди евра, за која земјите-членки на ЕУ се договорија во декември минатата година, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како ќе продолжи поддршката на ЕУ за Украина следната година не е јасно, откако минатата недела унгарскиот премиер Виктор Орбан ја блокираше новата програма за помош вредна 50 милијарди евра.
Специјалниот самит на ЕУ за тоа како да се продолжи, најавен е за 1 февруари, иако другите лидери рекоа дека доколку не се договори решение со Унгарија, тие самите ќе преземат акција.
Парите од ЕУ ќе и овозможат на украинската држава да продолжи да плаќа плати и пензии, како и за работа на болници, училишта и итни сместувања за раселените лица и за обновување на уништената инфраструктурата.
Украина има рок од 35 години да ги врати парите, што е предвидено да започне од 2033 година, а каматите ќе ги покриваат членките на ЕУ.