
Австралискиот министер за трговија Даниел Томас Тиен изјави во петокот дека разговорите со Европската унија за трговскиот договор се одложени, по ексалацијата на спорот по автстралиската одлука да го откаже договорот за набавка на подморници од Франција кој се проценуваше дека може да достигне до 56 милијарди евра.
Австралија кон средината на септември, откако ненајавено го објави новиот воен сојуз со САД и Велика Британија – AUKUS, го откажа договорот со Франција за градење флота конвенционални подморници и наместо тоа се одлучи за најмалку осум подморници на нуклеарен погон со американска и британска технологија.
Откажувањето на големиот договор, што бездруго ќе нанесе големи штети во француската бродоградителна индустрија, го разгневи Париз кој ги обвини Канбера и Вашингтон дека работеле зад грб. Франција во знак на протест во потег без преседан ги отповика своите амбасадори од двете сојузнички земји.
Во знак на солидарност со Франција, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен го постави прашањето дали Европската унија би можела да постигне трговски договор со Австралија.
Австралискиот министер за трговија во петокот одби да ја коментира за новинарите улогата којашто договорот за подморниците ја имал во одложувањето на преговорите, но потврдил дека 12-от круг од преговорите договорен за 12-ти октомви е одложен за еден месец.
„Следната седмица ќе се сретнам со својот колега од ЕУ, Валдис Домбровскис, за да разговараме за 12-от круг од преговорите, кој ќе се одржи во ноември, а не во октомври“, наведува Тиан во писмената изјава за Reuters.