Европската унија ги укина оганичувањата за увозот на храна од Јапонија, воведени по несреќата во нуклеарната централа Фукушима, барајќи од Токио по испуштањето на контаминираните води во морето да објавува податоци за можната појава на радиоактивни материи
Европската унија го ограничи увозот на храна, особено на морски плодови по катастрофалниот земјотрес од 11-ти март 2011 година кој ја погоди нуклеарката Даичи во Фукушима, пропишувајќи тестирања на храната пред извозот поради можна радиоактивност. Во 2021 година го ограничи тестирањето на само два вида печурки, некои видови риба и самоникнати растенија во прехраната од 10 јапонски префектури.
Кон крајот на минатата седмица ЕУ ги укина сите органичувања „поради позитивните резултати од контролата на производите кои ги спровеле јапонските власт и членките“, се наведува во соопштението.
„Од јни 2011 година ЕУ стриктно го ограничи присуството (на радиокативни материи) во храната од Јапонија на максимално 100 бекерела по килограм. Тој максимум секогаш целосно беше почитуван, што ја покажува ефикасноста на јапонските системи за контрола и следење“, оцени Европската комисија.
Нагласуваат, сепак, дека е „важно јапонската влада на местото на испуштањето на обработените води (од Фукушима) да продолжи да ја следи (евентуалната) радиоактивност во домашното производство, особено кај рибата, рибните производи и алгите“.
„Проверката би требало да биде фокусирана на можна појава на радионуклиди, вклучително и тритиумот“, истакнуваат од Брисел, порачувајќи им на јапонските власти дека резултатите од проверката мора да ѝ бидат достапни на јавноста.
Јапонија ќе започне со испуштање на контаминирана вода од Фукушима во август, по третирање со ALPS методата низ систем за филтрација која наводно би отстранила поголем дел од радиоактивниот материјал. Меѓутоа, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот, радиокативниот изотоп на водородот.
Радијацијата на тритиумот, кој има време на полураспаѓање од 12,3 години, може да биде опасна по здравјето, но Јапонија тврди дека во испуштената вода од Фукушима радиоактивните дози ќе бидат помали од 40-от дел од меѓународните безбедносни стандарди, што е една седмина од количеството коешто Светската здравствена организација (СЗО – WHO) го постави како стандард за водата за пиење.
Речиси 1,3 милиони тони контаминирана вода, доволно да се наполнат 500 олимписки базени, моментално се складирани во огромни резервоари во нуклеарната централа Даичи во Фукушима со трошоци од речиси милијарда американски долари годишно.
Кина најави дека ќе ја заостри проверката на увозот на храна од Јапонија и ја продолжи забраната на увоз на морски плодови од 10 јапонски префектури поради многу можната опасноста по здравјето на луѓето и природната средина, а на таа одлука се приклучуваат и автономните власти во Хонгконг.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави минатиот четврток, по средбата со јапонскиот премиер Фумио Кишида, дека двете страни решиле да „поработат“ на остранувањето на ограничувањата за увозот на говедското месо, овошјата и зеленчуците од ЕУ која веќе не може поради санкциите да ги пласира на рускиот пазар. Јапонија одлуката ќе ја донесе врз основа на науката, како што направи и ЕУ, рече тогаш Кишида.