ЕУ го демантира Курти за причините за неуспехот во дијалогот, САД се разочарани

Европската унија (ЕУ) во петокот ги отфрли тврдењата на косовскиот премиер Албин Курти дека неговиот предлог бил единствениот на масата во текот на вчерашната рунда преговори со Белград во Брисел, а САД изразија разочарување што повторно не е постигнат напредок во дијалогот.

Во Брисел нагласуваат дека веќе има предлог за редоследот на примена на постигнатите договори, кои ЕУ ги претстави како дел од дијалогот, јави Радио-телевизија на Србија (РТС), наведувајќи дека имала увид во предлогот на ЕУ кој им беше претставен на Белград и Приштина во јуни и го предвидува редоследот на спроведувањето на договорот.

Во меѓувреме, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак во оваа прилика имаше седум рунди одвоени разговори со двете страни, соопшти ЕУ, со оценка дека изјавата на Курти за новинарите по вчерашните разговори е „фактички едноставно неточна“.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел во четвртокот го обвини Курти дека не е подготвен да прифати компромисен предлог за тоа како да се продолжи со спроведувањето на договорот за нормализација на односите со Србија од февруари и март оваа година.

Курти, додаде Борел, не бил подготвен да се оди напред и да започне кредибилен процес на формирање на договорената Заедница на општини со српско мнозинство, а српскиот претседател Александар Вучиќ го прифатил предлогот на ЕУ за спроведување на договорот за нормализација на односите.

Курти, пак, на новинарите им порача дека не може да прифати дека формирањето Заедница на општини со српско мнозинство како предуслов за спроведување на договорот за нормализација на односите и дека пред тоа е потребно да се постигне договор за планот за имплементација на тој договор.

Во изјавата за Радио Слободна Европа (RFE) во четвртокот, американскиот Стејт департмент изрази разочарување поради тоа што не е постигнат напредок во новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите.

„Очекуваме двете земји сериозно да ги сфатат своите обврски од Договорот за нормализација на односите што го постигнаа на почетокот од оваа година. Времето истекува. Сакаме да видиме напредок во однос на постоечките и претходните обврски преземени во дијалогот и Охридскиот договор , вклучувајќи го и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, нагласил портпаролот на американската влада за RFE.

Вашингтон порача и дека САД „интерно ќе се советуваат“ со европските партнери за следните чекори.

„Дијалогот што го овозможува ЕУ е единствениот пат напред за Косово и Србија“, е ставот на американската влада.

Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, во петокот на редовниот брифинг со новинарите изјави дека по неуспешниот круг вчера во Брисел, ќе бидат информирани земјите-членки на Унијата, од кои ќе биде побарано насоки како натаму да им пристапат на партнерите во Белград и Приштина и кои од мерките „кои се на располагање“ да се преземат.