Европската Унија го поздрави постигнатиот договор за ослободување на 50 киднапирани заложници од страна на Хамас во следните четири дена, период во која ќе има и пауза во непријателствата меѓу оваа терористичка организација и Израел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во писмена изјава им изрази благодарност „на сите оние кои неуморно работеа преку дипломатски канали во последните недели за да го издејствуваат овој договор“.
– Од се срце го поздравувам постигнатиот договор за ослободување на 50-те заложници и за пауза во непријателствата. Секој ден во кој овие мајки и деца се држат како заложници од терористите е премногу. Ја споделувам радоста на семејствата кои наскоро ќе можат повторно да ги прегрнат своите најблиски, наведе – Од се срце го поздравувам постигнатиот договор за ослободување на 50-те заложници и за пауза во непријателствата. Секој ден во кој овие мајки и деца се држат како заложници од терористите е премногу. Ја споделувам радоста на семејствата кои наскоро ќе можат повторно да ги прегрнат своите најблиски, наведе Фон дер Лајен во пораката.
Таа во исто време го повика „терористичкиот Хамас“ веднаш да ги ослободи сите заложници и да им дозволи безбедно да се вратат дома.
Фон дер Лајен додаде и дека Европската комисија ќе направи се што е во нејзина моќ за да ја искористи договорената пауза во непријателствата за да достави хуманитарна помош во Газа.
– Побарав од комесарот (за управување со кризи) Јанез Ленарчич да ги зголеми дополнителните пратки за Газа што е можно побрзо, за да се ублажи хуманитарната криза, додаде Фон дер Лајен во пораката.
Постигнатиот договор за ослободување на заложниците од Газа и за пауза во конфликтот, во објави на платформата Икс го поздравија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
– По седум недели страдање тие, конечно, ќе бидат повторно со нивните семејства. Повикуваме на итно ослободување на сите заложници, наведе Борел.
Според него, договорената „хуманитарна пауза“ мора да се искористи за да се обезбеди колку што е можно повеќе помош за цивилите кои „се соочуваат со разорната војна во Газа“.
– ЕУ ќе го направи својот дел во обезбедувањето помош, додава Борел во објавата.
Вархеји, пак, оцени дека постигнатиот договор носи голема надеж за семејствата на заложниците.
– Сите заложници мора веднаш да бидат ослободени, наведе Вархеји во објавата на Икс.
Согласно постигнатиот договор, што синоќа го одобри израелската Влада, се предвидува ослободување на најмалку 50 заложници – жени и деца – во текот на четири дена, за кој период ќе има пауза во борбите. Според израелската Влада, ослободувањето на секои дополнителни 10 заложници ќе резултира со по уште еден ден пауза во конфликтот.
Дополнително, согласно договореното, од израелските затвори во првата фаза ќе бидат ослободени 150 палестински затвореници.