Советот на Еверопската унија во четвртокот усвои регулатива со цел воведување прекумерни царини со кои ефективно ќе се запре увозот на житарки, маслодајни семиња и нивни производи од Русија и Белорусија во земјите на Унијата.
„Новите царини имаат цел да го запрат увозот на житарки од Русија и Белорусија во Европската унија во пракса. Овие мерки ќе ја спречат дестабилизацијата на пазарот на житарки во ЕУ, ќе го запрат рускиот извоз на незаконски присвоено жито произведено на територијата на Украина и ќе ја спречат Русија да ги користи приходите од извозот во ЕУ за финансирање на својата агресивна војна против Украина“, рече белгискиот министер за финансии Винсент Ван Петегем.
Додаде дека ова е „уште еден начин на кој ЕУ ја покажува својата поддршка за Украина“. Регулативата ќе стапи во сила од 1 јули годинава.
Европската унија досега воведе бројни пакети санкции против Русија поради нејзината инвазија во Украина, кои беа насочени кон енергетскиот сектор и банките, но избегнуваше да ги таргетира земјоделските производи или ѓубривата поради страв од дестабилизирање на трговијата и загрозување на безбедноста на храната за азиските и африканските земји кои увезуваат евтина руска пченица. Покрај тоа, Москва нејзините житарки и ѓубрива кои беа заробени во пристаништата на ЕУ им ги отстапи бесплатно, со платен транспорт, на десетина најсиромашни африкански земји.
Затоа, ЕУ сега наместо санкции се одлучи за претерано високи царини, меѓу 93 и 95 евра за тон пченица, што ќе го оневозможи увозот во ЕУ, но ќе овозможи непречен транзит преку нејзина територија до трети земји. складирање во царински складови во ЕУ или транспорт со европски бродови.