
Советот на ЕУ денеска донесе нови мерки со цел заострување на постоечките економски санкции против Русија, подобрување на нивната примена и ефикасност.
Седмиот пакет санкции, за кој се вели дека е пакет за „одржување и прилагодување“, воведува нови забрани за купување, увоз или пренос на злато, директно или индиректно, доколку тоа потекнува од Русија или се извезува од Русија во ЕУ или која било трета земја на подоцнежен датум. Забраната важи и за накит.
– Ние, всушност, и забрануваме на Русија да го извезува највредното нешто што го има по енергијата – руското злато – посочи шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борељ.
Според најавата, новите санкции на ЕУ ќе ја прошират листата на производи кои Русија може да ги користи за зајакнување на својот воен и технолошки потенцијал.
– Пакетот санкции ја проширува и листата на контролирани стоки, кои можат да придонесат за зајакнување на воениот и технолошки потенцијал на Русија или развој на нејзиниот безбедносен и одбранбен сектор, а со тоа ја зајакнува контролата на извозот на стоки со двојна употреба и напредни технологии. – се вели во соопштението.
Исто така, беше објавено дека ЕУ, за да спречи какви било негативни последици за безбедноста на храната и енергијата во светот, го иззема од санкции бизнисот со бројни руски државни претпријатија во областа на земјоделските производи, како и транспортот на нафта до трети страни.
– Ниту една мерка донесена денес или порано (против Русија) на кој било начин не е насочена кон трговија со земјоделски и прехранбени производи, вклучително и пченица и ѓубрива, меѓу трети земји и Русија – се наведува во документот.
Санкциите, исто така, не забрануваат купување лекови или медицински производи од Русија од трети страни или нивни граѓани кои живеат надвор од ЕУ.
Според наводите, санкциите предвидуваат замрзнување на имотот, како и забрана за патување во земјите на ЕУ.
Како што е најавено, санкциите ќе стапат на сила по објавувањето во Службениот весник на ЕУ, што се очекува наскоро.
Претходно на сајтот на британската влада беше објавено дека Велика Британија воведе санкции за увоз на злато од Русија, а ќе воведе и забрана за увоз на јаглен и нафта.
Пакетот ја проширува листата на контролирани производи на оние кои можат да придонесат за воено и технолошко зајакнување на Русија или развој на нејзиниот одбранбен и безбедносен сектор, а со тоа ја зајакнува контролата на извозот на производи со двојна употреба и напредна технологија.