Европската унија ќе го затвори својот воздушен простор за руските авиони, влучително и за приватните авиони, ќе го забрани емитувањето на меѓународните медиуми со помош на руската држава Russia Today и Sputnik, и ќе воведе санкции против Белорусија, објави во неделата претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лејен.
„Го затвораме воздушниот простор на ЕУ за руските авиони. Предлагаме забрана за слетување на сите авиони во руска сопственост кои се регистрирани во Русија и кои ги контролираат Руси“, изјави фон дер Лејен.
„Тие авиони нема да можат да слетаат, полетаат ниту да ја прелетаат територијата на ЕУ. Тоа ќе се однесува на секој авион кој е во сопственост или е изнајмен или под контрола на руско правно или физичко лице. Нашиот воздушен простор ќе биде затворен за сите руски авиони, вклучително и за приватните авиони на руските олигарси“, изјави претседателката на ЕК.
Фон дер Лејен истакна дека Унијата ќе презема уште еден досега незабележан чекор ќе ја забрани „медиумската машинерија на Кремљ“.
„Државните медиуми Russia Today и Sputnik, како и нивните дописништва повеќе нема да можат да шират лаги за да ја оправдаат војната на (рускиот преседател Владимир) Путин и да внесуваат раздор во Унијата“, рече претседателката на ЕК, додавајќи дека Унијата развива алатка за забрана на „токсичните и штетни дезинформации“ во Европа.
Третата мерка е воведување нов пакет санкции против Белорусија, којашто е обвинета дека под водство на претседателот Александр Лукашенко наводно „активно учестува во агресијата врз Украина“.
Фон дер Лејен најави дека ЕУ ќе забрани извоз во Белорусија на низа производи, од минерални горива, тутун, дрво, цемент, железо и челик. Исто така, ќе биде забранет извозот производи за двојна намена.
Фон дер Лејен го пофали „извонредното и импресивно водство и храброст“ на украинскиот претседател Владимир Зеленсји и на укранскиот народ. „Тие се инспирација за сите нас“, рече додавајќи дека ЕУ со подадена рака ќе ги пречека сите лица кои побегнале пред војната во Украина.