ЕУ го затвора воздушниот простор за руските авиокомпании

Земјите од Европската унија го затвораат воздушниот простор за руските воздухопловни компании, објави во саботата ноќта новинарот од берлинската редакција на германскиот јавен сервис ARD, повикувајќи се на добро информиран извор.

„Земјите од ЕУ го затвораат воздушниот простор за руските авиокомпании, ми потврди доброинфориран извор“, напиша новинарот на Twitter.

Во твитот не се прецизиран кога е планирано да биде воведена забраната. Досега, Бугарија, Велика Британија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словенија, Чешка и Естонија донесоа одлуки да го затворат својот воздушен простор за Русија.

Малку подоцна во саботата ноќта најголемата европска воздухопловна компанија „Lufthansa“ објави дека на седум денови ги прекинува своите летови кон Русија и во нејзиниот воздушен простор.

„Lufthansa во следните седум дена нема да го кроисти рускиот воздушен простор и летовите кон Русија ќе бидат прекинати во тој период“, рекол портпаролот на компанијата за AFP.