ЕУ и Јапонија против идејата за целосна забрана на извозот во Русија, пишува FT

Европската унија и Јапонија се спротиставија на идејата за целосна забрана на извозот во Русија предложена од САД на неодамнешниот самит на министрите за економија и трговија на земјите од групата Г7 седумте индустриски најразвиените земји во светот одржан во Јапонија, пишува Financial Times, повикувајќи се на свои дипломатски извори.

Според двајца соговорници на весникот, оваа идеја ја изнеле претставници на Вашинготн како резултат на американското „растечко незадоволство“ од сегашниот систем на санкции против Русија воведени поради нејзината инвазија во Украина кој според нив е „изобилува со недостатоци“.

Истовремено, три извора запознаени со темата за FT рекле дека претставниците на Јапонија и на Европскиот сојуз оцениле дека станува збор за „невозможен“ чекор. „Од наша гледна точка, тоа едноставно не е изводливо“, рекол за весникот еден од соговорниците кој зборувал под услов на анонимност.

Земјите од Г7 – САД, Велика Британија, Јапонија, Канада, Германија, Франција и Италија разгледуваат целосна забрана на извоз во Русија, откако досегашните десетици кругови санкции не резултираат со посакуваното намалување на способноста на руската војска во нападите во Украина или крахирање на руската економија. Оваа информација која засега не е официјално потврдена, минатата седмица ја објави јапонската новинска агенција Кyodo повикувајќи се на извори од јапонската влада.

Според јапонските владини извори, во Г7 наводно размислуваат да направат пресврт во својата стратегија на санкции, така што извозот во Русија автоматски ќе биде забранет, освен во случај на стоките кои се вклучени во списокот производи кои смеат да се испраќаат во Русија. Според сегашната рамка на западните санкции, стоките не смеат да ѝ се продаваат на Русија, освен доколку експлицитно не се наведени на „црната листа“

Според сознанијата на деловната агенција Bloomberg News, идејата е воведување на целосен систем на санкции, во услови кога речиси сите извози се практично забранети и се прават листи со исклучоци на одредени стоки кои се дозволени за извоз или увоз, што ќе биде од полза за одредени земји.

Реагирајќи на таквите најави, поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев во неделата порача дека доколку земјите од групата Г7 целосно го забранат извозот во Русија со закани со санкции за земјите кои не се придржуваат до тоа, Москва дефинитивно ќе одговори со раскинување на извозот на житарките од Украина преку црноморските пристаништа.

Русија повеќепати предупредуваше дека ќе се откаже од договорот за извозот на житарките постигнат со посредство на Турција и Обединетите нации, бидејќи постојниот истекува на 18-ти мај.

„Таквата идеја на идиотите од Г7 за целосна забрана на извозот во нашата земај е убава, бидејќи имплицира реципрочна забрана на увозот од нашата земја вклучително и на категоријата стоки кои се најчувствителни за Г7. Во тој случај за нив ќе престане и работата со житарките – и многу други нешта коишто им се потребни“, напиша Медведев во објавата на апликацијата Telegram.

Г7 претходно во неделата повика на „продолжување на, целосно спроведување и проширување“ на договорот за извозот на украинските житарки преку Црното Море, известија во заедничко соопштение министрите за земјоделие на земјите членки. Апелот на Г7 доаѓа во периодот кога земјите сосетки на Украина, поради соборувањето на цените на производите на нивните земјоделци, го забранија увозот, а во некои случи и транзитот на украинските житарки и други прехранбени продукти.