Европската унија и НАТО во средата ја предупредија Грузија дека со усвојувањето на законот, за регистрација на лицата и организациите кои примаат пари од странски влади и организации како странски агенти од влијание, се оддалечува од нејзините евроатлантски аспирации и ја повикаа владата да го почитува правото на мирни протести.
„И покрај големите протести и недвосмислените повици на меѓународната заедница, владејачкото мнозинство го усвои законот за ‘транспарентност на странски влијанија“. Европската унија јасно и постојано кажа дека духот и содржината на тој закон не се во согласност со основните норми и вредности на ЕУ“, се вели во изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Грузискиот парламент усвои закон со кој невладините организации финансирани од странство се назначуваат како странски агенти. Станува збор за закон донесен по урнекот на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA) од 1938 година кој уште е на сила и е осмислен да го ограничи влијанието на странските влади и странската пропаганда во САД, кој налага од „агентите“ или оние што ги промовираат интересите на странска сила или „странскиот налогодавец“ да го обелоденат таквиот однос и какви и да се активности или финансирање поврзани со промовирање на споменатите интереси.
Европската унија беше критикувана за нејзината задоцнета реакција на настаните во Грузија, која доби кандидатски статус во декември минатата година. Првата идеја беше Борел да даде изјава во име на сите 27 земји членки, но тоа беше отфрлено поради несогласувањето на Унгарија и Словачка. Брисел, исто така, е критикуван и дека „потрошил“ многу време за да се договори изјавата меѓу Борел и комесарот за проширување Оливер Вархели, унгарски член на Комисијата.
Законот за странско влијание предизвика незадоволство во Грузија меѓу опозиционерите и вработените во странските невладини организации, и донесе многу демонстранти на улиците, од кои многумина дојдени како и минатата зима од Украина. И покрај тоа, владејачката партија Грузиски сон којашто по лошото искуство со Русија од војната во 2008 година сака урамнотежени односи со гигантскиот и моќен сосед, упорно го носеше законот. Со политиката на владејачкото мнозинство не се согласува и проевропскиот грузиски претседател Саломе Зурабичвили.
„Усвојувањето на овој закон има негативно влијание врз напредокот на Грузија на патот кон ЕУ. Изборот на патот напред е во рацете на Грузија. Ги повикуваме грузиските власти да го повлечат законот и да ја задржат својата посветеност на патот кон ЕУ“, се вели во изјавата на Борел.
На донесувањето на законот реагираше и НАТО.
„Одлуката на грузиската влада да го донесе законот за странски агенти е чекор во погрешна насока и ја оддалечува од европските и евроатлантските интеграции. Ја повикуваме Грузија да го промени курсот и да го почитува правото на мирни протести“, изјави портпаролката на НАТО, Фара Даклала.