
Високи функционери на Европската унија и НАТО објавија во средата дека договориле основање заедничка работна група задолжена за подобра заштита на критичната инфраструктура по ланскиот напад врз гасоводите Северен тек во Балтичкото Море.
„Видовме саботажа на Северен тек. Тоа покажа дека мораме да бидеме подготвени и дека мораме да се соочиме со овие новиот тип закани“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен во Брисел која ја цитира германската новинска агенција DPA.
„Нашите стручњаци од НАТО и Европската унија ќе соработуваат во идентификација на клучните закани на нашата критична инфраструктура, ќе ги разгледаат стратешките ранливости“, додала фон дер Лејен.
На 26-ти септември во ист момент беа забележани истекувања од двата гасоводи со кои рускиот гас по дното на Балтичкото Море се испорачување до Германија, односно Европа. Властите на Германија, Шведска и Данска соопштија дека во тој период биле регистрирани сеизмички настани кои наликувале на детонации. Трите земји спроведоа засебни истраги, по кои навестија дека веројатно станува збор за диверзија на гасоводите, но не објавуваат податоци, правдајќи го тоа со националната безбедност.
Руското министерство за одбрана во октомври објави дека припадници на специјалните сили на британската воена морнарица, кои имаа штаб во Очакив, во украинската област Миколаев, учествувале во „планирањето, осигурувањето и спроведувањето на терористичките напади“ врз гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, што Лондон го отфрли.
Западните онлајн медиуми, вклучително и популарната американска онлјан платформа Reddit и порталот 19FortyFive, отворија дискусии за тврдењата на основачот на услугите за споделување датотеки Megaupload и Mega, Ким Дотком (Ким Шмиц), дека поранешната британска премиерка Лиз Трас наводно веројатно испратила порака до американскиот државен секретар Ентони Блинкен со текстот „‘it’s done’ (готово е/ сторено е)“ веднаш по инцидентот.
Споменатата група на ЕУ и НАТО ќе биде задолжена за критичната инфраструктура во областа на транспортот, енергетиката, дигитални технологии и Вселената, според фон дер Лејен.
„Отпорноста и заштитата на критичната инфраструктура се клучен дел од нашите заеднички напори, како што видовме, имајќи предвид дека претседателот (на Русија, Владимир) Путин ја користи енергијата како оружје… и имајќи ја предвид саботажата на гасоводите Северен тек“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
И фон дер Лејен и Столтенберг директно не посочија кој би можел да стои зад недвосмислената саботажа на двата руски гасоводи до Германија.
„Работната група ќе биде важен чекор кон тоа нашите општества да бидат посилни и побезбедни“, додаде Столтенберг.
Веста е објавена ден откако ЕУ и НАТО ја потпишаа третата заедничка декларација за соработка. Првите две декларации се потпишани во 2016 и во 2018 година.
Во потпишаната декларација за стратешка соработка на двете западни организации се истакнува „важноста од посилна и поспособна европска одбрана којашто позитивно придонесува на глобалната и трансатлантската безбедност, а којашто е комплементарна и интероперабилна со НАТО“.
Според декларацијата, подрачјата на соработка меѓу ЕУ и НАТО вклучува „прашања на отпорност, заштита на критичната инфраструктура и кибернетичка безбедност, нови и дисруптивни технологии, Вселената, безедносните импликации на климатските промени, како и манипулацијата со информации од странски фактори и нивно мешање“.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во вторникот ја истакна важноста од јакнење на „стратешката автономија на ЕУ во одбраната во рамите на НАТО“.
„Ние Европејците сакаме да преземеме поголема одговорност за својата одбрана, што значи јакнење на европскиот столб во рамките на НАТО“, рече Мишел.